Почитувани граѓани на Република Македонија,
Денеска е Меѓународен ден на демократијата.
Организацијата на Обединетите Нации по чиј мандат се одбележува овој ден утврди дека темата за 2017 година е „Демократијата и превенцијата на конфликти“.
Од „зградата на светот“, пораката која ја пренесуваат владите е дека сите земји мора да работат на зајакнување на демократските институции кои ќе овозможат промоција на мир и стабилност.
Ние, во Македонија ова добро го знаеме.
Ги учиме лекциите од непријатните моменти и конфликти кои ја загрозуваа демократијата во минатото.
Денес слободно можеме да кажеме дека сите ние, граѓаните на Македонија,
заедно успеавме – ја одбранивме демократијата во Македонија. Македонија е слободна.
Слободна и демократска земја значи и демократска поделба на власта.
Република Македонија го одбра концептот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, кои не смеат да се преклопуваат, што е механизам кој мора да се почитува за да се ограничи државната власт и за да се заштитат човековите права и слободи.
Продолжуваме во остварување на непосредната демократија.
Следуваат локални избори на кои граѓаните директно ќе одлучат на кого ќе му ја доверат довербата. Ќе обезбедиме услови за фер и демократски избори за сите граѓани на нашава земја директно да ја практикуваат најголемата придобивка на демократијата – ДА ОДЛУЧАТ ЗА СЕБЕ.
Секој глас е важен затоа што политиките кои ќе бидат креирани на локално ниво ги засегаат сите граѓаните од општините на Македонија.
Ја користам оваа прилика да ги повикам сите граѓани на Република Македонија да го искористат своето право на глас на локалните избори на 15 октомври.
Нека ни е честит светскиот ден на демократијата,
Да живее демократска Македонија.