Средба на премиерот Заев со премиерот на Малта, Мускат

Претседателот на Владата на Република Македнија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сретна со Џозеф Мускат, премиерот на Република Малта.

Премиерот на Малта, Мускат, ја поздрави иницијативата од Македонија за договор околу олеснувања меѓу двете земји, во делот на двојното оданочување, како важен чекор во развојот на економската соработка.

Премиерот Заев упати покана за инвестирање во Македонија и претстави некои од економските мерки што ги спроведува Владата за да ги заинтересира домашните и странските инвеститори. Премиерот на Малта, Мускат, се интересираше за областите во коишто Македонија има најголема потреба од инвестиции.

На средбата се разговараше за интензивирање на односите помеѓу двете држави на неколку полиња, меѓу коишто посебен фокус беше ставен на унапредување на соработката во областа на здравството и енергетиката. За таа цел од страна на премиерот на Малта, Мускат, е упатена покана за министерска посета од Владата на Република Македонија во Република Малта, со цел да се разменат искуства во овие области и да се разгледаат начините на соработка.

„Определени сме за евро-атлантска иднина на државата и сите мерки и реформи ги насочивме кон обезбедување квалитетен живот за граѓаните, низ интензивирање на регионалната и добрососедската соработка, како и развој на пријателските односи со земјите членки на ЕУ и НАТО. Оттука со право очекуваме скорешна покана за НАТО и тргање на условеноста на препораката за членство во ЕУ, што ќе придонесе дополнително кон стабилна економска клима, на што и сега работи Владата“, рече премиерот Заев на средбата со неговиот колега од Малта, Мускат.