Во Охрид се одржува конференција „Справување со предизвици од насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам“

Голем број земји во светот, меѓу кои е и Република Македонија се соочуваат со насилниот екстремизам и радикализацијата и справувањето со овие современи ризици е еден од клучните приоритети, рече министерот Оливер Спасовски во обраќањето на меѓународната конференција „Справување со предизвици од насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам: менаџирање и преговори во кризни ситуации предизвикани од насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам“, која оваа недела се одржува во Охрид во заедничка организација на МВР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Проблемот е во идеологијата на екстремизмот и тероризмот, а не легитимното религиозно верување“- потенцираше министерот Спасовски, додавајќи дека не смееме да дозволиме екстремистички организации да се спротивставуваат на нашите вредности за универзални човекови права, еднаквост пред законот, демократијата и целосното функционирање на нашето општество.

Конференцијата што се одржува во Охрид во следните три дена претставува втора меѓународна конфренција, која што ќе прерасне во традиционален настан како дел од редовните активности на МВР за зајакнување на капцитетите на Специјалните полициски единици.

Во продолжение интегрално го објавуваме обраќањето на министерот Спасовски:

Би сакал на почетокот на оваа конференција во мое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија да ви посакам топло добредојде во Охрид и во Република Македонија. Притоа, дозволете ми да го изразам своето искрено задоволство за честа што Министерството за внатрешни работи е домаќин и коорганизатор на овој настан, заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија што, пак, континуирана поддршка и соработка и овој пат еве резултира со одржувањето на еден значаен собир посветен на исклучително важна и актуелна тема, како што е насилниот екстремизам, радикализмот, тероризмот и менаџирањето на кризни ситуации како резултат на истите. Се разбира голема благодарност и до нашите пријатели од Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.
Почитувани,

Екстремизмот претставува феномен кој по правило е насочен против востановените вредности на едно општество, при што во себе содржи препознатливи елементи на насилен криминал. Заканата од насилниот екстремизам е комплексна. Тој може да ги дестабилизира државите, ги подрива општествените норми и вредности, и повикува или директно предизвикува насилство. Поврзаноста на екстремизмот со тероризмот, како и неговиот диверзитет- кој варира од популаризирање екстремистички идеи до заговарање насилство за реализација на целите -овозможува овој феномен да ги надминува националните рамки и да добие меѓународна димензија. Впрочем, денес во светот, како никогаш претходно, такви примери имаме безброј – голем број земји во светот, меѓу кои и Република Македонија се соочуваат со тие современи ризици и опасности произлезени од екстремистичката дејствителност кои се прелеваат од национални во регионални, па и пошироки контексти.

Објективно гледано, Македонија во континуитет е изложена на асиметрични закани кои произлегуваат од зачестеното манифестирање на етничка нетрпеливост, верска нетолеранција и екстремизам, кои, пак, создаваат погодно тло за радикализација која може да доведе до тероризам. Актуелизирањето на феноменот “странски борци“, односно интернационализацијата на екстремистичко-радикалистичките концепти, како и напливот на мигранти и бегалци од земјите на Блискиот Исток и Северна Африка придонесе кон зголемувањето на заканите од тероризам, што за жал во повеќе случаи веќе се остварија.

Имајќи го предвид сето ова, мислам дека клучен предизвик е детектирањето, односно раното предупредување и идентификација на можните закани од тероризмот. Во таа насока, Република Македонија врши постојана надградба на нормативните и институционални капацитети од системот за национална безбедност, носи заедничка безбедносна стратегија и развива и применува ефикасни и функционални механизми за справување со постоечките закани и ризици. Како пример би сакал да ја посочам превентивната стратегија како систем од нормативни, безбедносни и пошироки – социолошки мерки за борба против овие безбедносни феномени, менаџирање на последиците од радикализацијата и намалување на ризиците од тероризам.

Оваа стратегија се базира на нужноста од идентификување на причините, условите и факторите кои продуцираат екстремизам, но и идентификација на нивната интеракција; потоа, дефинирање на појавните облици и развојни тенденции на екстремното и терористичкото делување, особено по појавата на нови облици на тероризам и промена на терористичките тактики.

Во контекст на нормативата на ова поле, би ја споменал најпрвин Националната концепција за безбедност и одбрана на Република Македонија, според која државните институции и органи, надлежни за борба против тероризмот своите мерки и активности ги преземаат врз основа на позитивната законска регулатива и пред сè, Уставот на Република Македонија како највисок правен акт кој дава гаранции за остварување и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Покрај тоа, во низата законски и други релевантни акти како што се Националната стратегија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам и Национална стратегија за одбрана на Република Македонија, појдовна основа за институционално делување претставува Националната стратегија за борба против тероризмот (2015-2020г). Во овој контекст сакам да истакнам дека оваа Национална стратегија за борба против тероризмот е изготвена без подготвен Акциски план за нејзино спроведување, и дека таа претставува добар основ за преземање на репресивни мерки во борбата против тероризмот. Меѓутоа, сите ние сме свесни дека ефикасно справување со тероризмот и сите негови појавни форми и облици може да се постигне единствено со преземање на превентивни мерки и активност. Затоа, надлежните институции во Република Македонија веќе подготвуваат нова Национална стратегија за справување со насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам.

Во оваа прилика, би сакал да посочам дека Владата на Република Македонија истапи пред домашната и поширока јавност со Акциски план наречен План 3-6-9 кој што всушност, ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест, девет месеци. Ова е почетната точка, преку која се најавени итните реформски приоритети, меѓу кои и основање на Национален комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.

На својата седница одржана на четврти август годинава, Владата на Република Македонија донесе одлука за именување на Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, како и двајца заменици национални координатори, еден за борба против тероризам и еден за спречување на насилен екстремизам. Верувам дека членовите на овој Комитет најавени за учество на оваа Конференција, ќе дадат голем придонес во нејзината успешност.

Последно, но не и помалку важно: дозволете ми да посочам на неколку предлог мерки за превенција на закани и ризици од аспект на екстремизам и тероризам, каде согледувајќи ја нивната сложена природа може да се заклучи дека е неопходна засилена колективна акција и тоа не само на безбедносните служби, туку и на сите општествени чинители од политички, правен, образовен, социјален и верски аспект.

Прво, тоа е идентификацијата на сите фактори кои водат кон радикализација и имаат така да кажам терористички потенцијал, како и нивен мултидисциплинарен и интегриран третман; потоа, водење политика на проактивно превентивно делување, наспроти репресивните мерки, со остварување баланс помеѓу ефикасната заштита од современите ризици и опасности и заштитата на веќе стекнатите слободи и права на граѓаните; трето, постојано развивање и надградба на нормативната и институционална инфраструктура на државата, согласно растечките закани од тероризам и неговите современи појавни облици; примена на комплексни едукативни, социјални и безбедносни мерки и активности од страна на сите општествени чинители (државни и невладини); конкретни проекти за дерадикализација на веќе радикализираните поединци и рехабилитација, односно ресоцијализација на поранешните терористи.

Почитувани,

Би сакал да предочам дека онаму каде што имаме најмалку успех е всушност – нашата реакција на идеолошкиот предизвик на тероризмот и заканата од оние кои го промовираат. Притоа, мора да бидеме јасни: проблемот е идеологијата на екстремизмот и тероризмот, а не легитимното религиозно верување.

Би сакал исто така да потенцирам дека не смееме да дозволиме екстремистички организации да се спротиставуваат на нашите вредности за универзални човекови права, еднаквоста пред законот, демократијата и целосното учество во нашето општество.

На крајот, дозволете ми, наместо заклучок, да изразам надеж дека овој значаен собир и втора меѓународна Конференција во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе послужи како одлична платформа за размена на искуства и научни истражувања во областите на насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам. Исто така, се надевам дека свесноста за опасноста од ова големо општествено зло е веќе комплетно изградена во сите сфери на општественото живеење и дека сите ние, заеднички ќе придонесеме кон зголемена ефикасност во борбата и спречувањето на насилениот екстремизам и радикализацијата.