Министерството за земјоделство, шумарство, водостопанство и годинава е покровител на традиционалната манифестација „Денови на македонскиот мед 2017“. Во следните неколку дена на поставените штандови на улицата „Македонија“ во Скопје, пчеларите од различни региони од Република Македонија, ќе ги изложат своите пчелни производи. Манифестацијата традиционално ја отвори министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Пчеларството е една од позначајните гранки во земјоделството, пред се поради големото биолошко значење на медоносните пчели при опрашување на фуражните, индустриските и овошните култури, но секако и поради производството на високо вредните пчелни производи, како што се медот, восокот, поленот, прополисот, матичниот млеч и пчелниот отров. Сите овие производи имаат оргомно хранливо својство, ценовна вредност и се доста барани на пазарот.
„Токму поради овие причини, како ресорно министерство континуирано ќе преземаме системски мерки за развој на пчеларството. Оваа година од аспект на временските прилики беше исклучително лоша за целокупниот земјоделски сектор.Неповолните влијанија од временските непогоди што се случија годинава, прво екстремно ниските температури, а потоа сушата, нанесоа сериозни штети и во пчеларството. Изминатиов период остварив неколку средби со пчеларски здруженија, на кои бев информиран за моменталните состојби во пчеларството и проблемите со кои се соочуваат. Како министерство, работиме на решаваме на сите отворени проблеми во секторот пчеларство, од нелојална конкуренција до финансиска поддршка. Пред месец и половина во еден ден исплативме над два милиони евра субвенции за пчелни семејства. Внимателно ја следиме состојбата на терен и ќе преземаме соодветни мерки во корист на пчеларите“, изјави министерот Николовски.
Според официјалните податоци од надлежните институции, во Република Македонија има повеќе од 6.500 одгледувачи на пчели и околу 234 илјади пчелни семејства. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја продолжи финансиката поддршка за оваа земјоделска гранка, преку мерките во Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во тек е подготовката на петгодишната Национална програма за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во која што ќе бидат содржани идните мерки за развој на земјоделството, вклучително и за пчеларството, како исклучително значајна стопанска гранка. Креирањето на идните политики на МЗШВ, ќе бидат во насока на развој на унапредување и создавање на конкурентни производи со висока додадена вредност.
Министерот Николовски истакна дека, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ги поддржува ваквите настани, кои се во насока на промоција на македонските производи, како што е оваа манифестација за промоција на македонскиот мед.