Почна третата фаза од регионалната кампања на ОИЕ „Биди неговиот херој“

Биди неговиот херој” е мотото под кое денес Агенцијата за храна и ветеринарство, од основното училиште “Јохан Хајнрих Песталоци” ја почна реализацијата на третата фаза од регионалната кампања на Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ за подигнување на јавната свест за одговорното сопствеништво, како еден од основите за контрола на бездомните кучиња. Станува збор за кампања која заедно со соседните земји Србија, Бугарија, Косово, Албанија и со Хрватска и Црна Гора, Република Македонија почна да ја реализира во мај 2016 година.

„И во рамки на оваа кампања, стручни тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство ќе посетат неколку основни училишта и ќе одржат едукативни часови за дечињата од нижите одделенија за тоа како да се биде одговорен сопственик на домашно милениче, кои се правата и обврските на сопствениците на домашни миленици, како треба да се грижат за здравјето на животните,но, и за бездомните животни, водејќи сметка и за сопственото здравје“ – истакна по одржувањето на едукативниот настан директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

На тертоодделенците од ова основно училиште поделен им беше промотивен материјал боенки и брошури за одговорно сопствеништво. На едукативните работилници, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство на децата им објаснија како да бидат одговорни сопственици на домашни миленици, како да направат проценка дали се во можност да чуваат куче, како да се грижат за него.

На часовите беше присутен и миленик – куче, а обучен дресер на децата им објасни како да им пријдат на животните, да ги хранат, на што да внимаваат кога се во нивно присуство. Како одговорна институција, додаде директорот Атанасов, не само за безбедноста на храната туку и за здравствената заштита и благосостојбата на животните, активно работиме на развој на првата Стратегија за благосостојба на животните во која детално ќе се разработат приоритетите во однос на заштита и благосостојба на животните за наредните 4-5 години.

„Во Стратегијата акцент ќе се стави на системот за заштита и благосостојба на животните за време на превоз, за контрола на популацијата бездомни кучиња, заштита на кокошките несилки, на животните за време на колење како и на развој на кампања за подигнување на јавната свест за принципите на благосостојбата на животните, со акцент на одговорноста на сопствениците на животните“ – посочи тој.

Агенцијата го разви модулот за домашни миленици во рамки на Ветеринарниот информативен систем. Досега во него се евидентирани околу 1400 кучиња. Директорот Атанасов упати апел до сопствениците на кучиња да ги вакцинираат и да ги микрочипираат своите миленици и на таков начин да го заштитат нивното и здравјето на животните кои ги одгледуваат.