Меѓународниот ден на мирот, 21. Септември денеска беше одбележан со мировен марш под мотото „Заедно за мир- почитување, безбедност и достоинство за сите“. Манифестација, што ја организира Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, со поддршка на општина Охрид и амбасадата на Руската Федерација, започна од пред седиштето на организацијата, движејќи се по кејот до градскиот парк, каде на бистите на паднатите борци во НОАВМ и илиденците, беа положени букети свежо цвеќе.
На свеченоста што се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“ се обратија заменик градоначалникот Ангел Јанев, потпретседателот на боречката организација Никола Стефаноски и почесниот конзул на Руската Федерација во Охрид Велимир Стојкоски.
„На државите и нациите каде се водат војни им порачуваме, наместо со оружје и жртви, несогласувањата да ги решаваат со преговори, а господарите на војната мора да паднат и да се судат за нивните злосторства. Пораките за мир и меѓусебна соработка не треба да траат само еден ден, туку треба да станат секојдневие на човештвото. Тие пораки се посветени на иднината на човековата цивилизација, нејзината одржливост и сеопштиот напредок. Пораките ги упатуваме ние, со завет дека тоа ќе го прават и генерациите по нас. Порачуваме. Нека престанат војните. Нека победува доброто, а луѓето во светот нека живеат во мир, слобода и благосостојба“. – рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Во културно-уметничката програма посветена на Меѓународниот ден на мирот, учествуваа ученици од ОУ „Григор Прличев“, ОУ „Братство- Единство“, ОУ „Христо Узунов“ и ОУ „Живко Чинго“.