Став на претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс
Приоритетите кои денеска ги поставуваме пред изборите ќе го одредат светот во кој децата ќе живеат утре. 15-ти октомври ни дава можност да се запрашаме дали ние како општество сме направиле доволно за нашите деца и внуци да имаат просперитетна и среќна иднина.Постигнат е одреден напредок за децата, но фактите укажуваат дека треба да направиме уште повеќе.
Речиси една третина од нашите деца живеат во сиромаштија, а поразителната реалност е дека сиромаштијата кај децата го нарушува нивниот здрав развој. Покрај повеќегодишниот напредок во намалувањето на смртноста кај децата, последните податоци покажуваат дека ние сме единствена земја од поранешна Југославија каде има зголемување на стапката на смртност кај децата.
Општата проценка на економистите и специјалистите за образование е дека предучилишното образование кај децата на возраст од 3 до 6 години е веројатно најважниот период за учење и развој на мозокот. Кога ќе ги разгледаме остварувањата по предметите математика, наука и јазик на 15-годишни деца од основното училиште, се забележува дека оние кои имале придобивки од образованието на рана возраст се една до две години понапредни од останатите. Кај нас стапката на посетеност на предучилишно образование е зголемена од 26% на 39%, но оваа стапка и инвестициите во областа се и понатаму најниски во регионот на Западен Балкан и заостануваат многу зад стапката во ЕУ која изнесува околу 93%. Децата од најсиромашните семејства воопшто не посетуваат предучилишно образование, а тоа придонесува за меѓугенерацискиот циклус на сиромаштија.
Најпознатата мерилка за остварувањата на системот за основно и средно образование е рангирањето според Програмата на УНЕСКО/ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА), каде се наоѓаме на 67-то место од вкупно 70 земји. Во превод тоа би значело пониска способност за наоѓање вработување на национално ниво, помало привлекување на инвестиции и пониска конкурентност на долг рок. Мораме веднаш да ги забрзаме подобрувањата во предучилишното и основното образование за да го спречиме зголемувањето на јазот помеѓу нас и другите европски држави и маргинализирањето на надежите дека нашите деца ќе израснат во среќни и сигурни возрасни лица.
Можеме да создадеме подобра иднина за нашите деца со тоа што ќе поставиме итни приоритети и повторно ќе размислиме за следните 3 работи: ран детски развој, инклузија и реформа на образовниот сектор.
Најпрво, сите земји кои имаат високо успешни економии и напредни поединци инвестираат во раното детство. Тие располагаат со политики за намалување на сиромаштијата и насилството кај децата и го промовираат нивното добро здравје, а притоа целат да обезбедат поддршка и знаење за сите родители како да го унапредат развојот на нивните деца.
Овие земји обезбедуваат предучилишно образование за сите деца на возраст од 3 до 6 години. Тоа е така бидејќи истражувањата покажуваат дека овој период е најинтензивен период за развој на детскиот мозок, кој го оформува и потенцијалот за учење и заработка кај човекот, како и социјалниот и емоционален карактер. Економистите се согласуваат дека не постои поголем поврат од инвестициите за владата, од инвестицијата во раното детство. Лауреатот на Нобеловата награда, економистот Џејмс Хекман проценил дека за инвестиција од 1 американски долар во раното детство, повратот изнесува 17 американски долари. Преку реструктуирање и скромни инвестиции, можеме да постигнеме огромен напредок во оваа област.
Кога станува збор за инклузијата на децата со попреченост, голем број земји, преку системски реформи и кампањи за менување на ставовите, прераснаа во места каде исклученоста, изолираноста и сместувањето на деца во институции не се повеќе прифатливи. Тоа е постигнато преку гарантирање на правото на секое дете да учи, преку воспоставување услуги за поддршка на семејствата на локално ниво и соодветна проценка на способностите и капацитетите на секое дете. Врз основа на овие лекции, можеме да постигнеме да не остане ниедно ќоше во земјата каде децата со попреченост и понатаму ќе бидат невидливи, изолирани или исклучени.
Најдобрите образовни системи во светот продолжуваат да спроведуваат реформи со многу побрзо темпо во споредба со образовните системи што имаат слаби остварувања. Тоа е така бидејќи тие се во тек со променетите потреби на глобалната економија на знаење, како и со развојот на педагошката наука. Земјите со ниски остварувања тежнеат да инвестираат во нови наставни планови или пак во нови објекти, додека пак сите истражувања покажуваат дека главен двигател за добрите резултати во образованието е квалитетната и компетентна настава. Земјите со ниски остварувања тежнеат да применуваат стандарди како основа за проверка на остварувањата на наставниците, додека пак земјите со високи резултати посветуваат внимание на давањето поддршка на наставниците преку дијалог за да се искористи нивниот интелект, мудрост, интуиција и креативност. Доколку поставиме приоритет за квалитетот и компетентноста на наставниците, со сигурност ќе дојде до намалување на јазот кој постои помеѓу нас и соседните земји од ЕУ за идните генерации.
Кога ги гледаме нашите деца и внуци и размислуваме за нивната иднина, треба да се запрашаме дали создаваме општество кое за нив ќе создаде можности за да имаат подобар живот од нас. Општество во кое тие ќе можат да постигнат поголем степен на добросостојба, која за нас е денеска незамислива.
Затоа ги повикуваме сите политички партии и гласачи да дадат централно место на состојбата со децата во демократската дебата пред изборите на 15 октомври.