Согласно член 8-в од Изборниот законик, учесниците во изборниот процес потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори.
Кодексот за фер и демократски избори ќе го потпишат сите кандидати за градоначалници во сите општини во Република Македонија и градот Скопје синхронизирано на 24 септември (недела) во 12 часот.
Со овој Кодекс учесниците во Локалните избори се обврзуваат и си ветуваат еден на друг, но и на сите граѓани на Република Македонија, дека ќе се придржуваат и активно ќе ги промовираат принципите на слободни и фер избори.
Учесниците во изборите со потпишувањето на Кодексот јасно изразуваат волја да го почитуваат избирачкото право кое е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Церемониите на потпишување на Кодексот се во организација на општинските изборни комисии и Изборната комисија на градот Скопје.