Охрид домаќин на 10. јубилејно Советување на МАКО СИГРЕ – теми од елеткроенергетиката во фокусот

Здружението на инженери МАКО СИГРЕ го организира 10-то јубилејно Советување, што ќе се одржи од 24. до 26. септември во Охрид, во хотелот Метропол. На советувањето се пријавени над 300 учесници, а се очекува да бидат презентирани 108 стручни и научни трудови од областа на елктроенергетиката. Ќе бидат присутни инженери од трите големи електроенергетски компании во Република Македонија, ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН, кои континуирано ја поддржуваат работата на МАКО СИГРЕ. Покрај тоа, на 10-то јубилејно Советување ќе учествуваат и водечки домашни и светски компании од индустријата.

Работниот дел на Советувањето започнува со панел сесија посветена на мрежното и пазарното поврзување на земјите од Југоисточна Европа. Стручните и научни трудови ќе бидат организирани во 16 одделни сесии, кои се проследени со дискусии меѓу авторите и учесниците на Советувањето. Годинава ќе има три технички презентации, а изложбениот простор ќе го користат 10 компании.

Во рамки на првиот ден од јубилејното 10-то Советување на МАКО СИГРЕ предвидено е и потпишување на договор за соработка меѓу Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје и КОНЧАР – Инженеринг за енергетика и транспорт (КЕТ) од Загреб. Соработката, покрај другото, опфаќа и реализација на научно-истражувачки и развојни проекти, размена на знаења и донација на опрема. Во оваа прилика ќе биде објавена и донацијата на компанијата КОНЧАР – Инжинеринг за енергетика и транспорт на SCADA систем PROZA NET за „Центарот за трансфер на технологии и иновации“ (ИННОФЕИТ) кој се воспоставува на ФЕИТ. Договорот за соработка ќе го потпишаат Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски и претседателот на Управата на КЕТ, г-дин Мишо Јурковиќ.

На утрешното свеченото отворање на 10-то јубилејно Советување ќе присуствува и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој заедно со претседателот на МАКО СИГРЕ проф. д-р Рубин Талески ќе дадат изјави за медиумите.

Потпишувањето на договорот за соработка помеѓу ФЕИТ и КЕТ, е предвидено во хотелот Метропол во Охрид.

МАКО СИГРЕ е основано во 1994 година, како резултат на заложбите на група експерти од областа електроенергетиката, кои со својата волонтерска работа придонесуваат за унапредување на оваа важна дејност за Република Македонија.

МАКО СИГРЕ ги обединува сите значајни чинители од електроенергетскиот сектор во земјата: инженерите од големите електроенергетски компании ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН, од индустријата, од универзитетите и од институциите. Целите на здружението се да овозможи размена на искуства и знаења на инженерите кои работат во пракса, на истражувачите и на сите оние кои работат во областа на електроенергетиката, воспоставување на цврсти врски меѓу сите чинители од електроенергетскиот сектор, но и воспоставување на соработка и релации и со инженерите од меѓународното здружение СИГРЕ.

Во континуитет МАКО СИГРЕ им дава поддршка на студентите од електроенергетските насоки на техничките факултети. На најдобро рангираните студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ) и Техничкиот факултет во Битола (ТФБ), редовно им се доделуваат стипендии, а најдобрите дипломирани од овие насоки добиваат награди. Во насока на поддршка на идните инженери, МАКО СИГРЕ редовно ја поддржува Студентската конференција за обновливи извори и енергетска ефикасност, што ја организираат студентите на ФЕИТ. МАКО СИГРЕ континуирано организира и јавни трибини на актуелни теми од областа на елeктроенеретиката.