Ногачески: Подигнувањето на квалитетот на живеење во општина Дебрца е нашата примарна цел

Кандидатот за градоначалник на СДСМ и Коалицијата „Живот во Македонија за сите“, за општина Дебрца, Зоран Ногачески, денеска ги претстави приоритетните проекти од изборната програма за развој на општината.

„Општина Дебрца е нашиот заеднички дом, во кој секој од нас треба да ја гледа својата иднина и својата шанса. И токму затоа, душата не боли кога гледаме како младите заминуваат, а селата се празнат. Кога гледаме затворена и заробена општина, во која граѓаните имаат отежнат пристап до општинските услуги, неодговорно и недомаќинско управување со општинските ресурси, неразвиена локална инфраструктура и форсирање на неприоритетни проекти, преплатени и натплатени, се поголем број на граѓани и семејства кои живеат под прагот на сиромаштија или се наоѓаат во положба на социјален ризик, земјоделци кои мака мачат како да го продадат она што го произвеле и едвај врзуваат крај со крај, општина со ниско ниво на комунални услуги и здравствена заштита, депонии на секој чекор, нефункционални месни заедници, маргинална улога на младите и руралната жена, задолжена општина. Време е да ставиме крај на ваквите катастрофални и погубни политики во Дебрца. Дебрца заслужува подобро.“- истакна Ногачески.

Како што кажа Ногачески, со неговиот тим и кандидатите за советници имаат јасна визија за општина Дебрца. Нивната примарна цел е подигнувањето на квалитетот на живеење во општина Дебрца, како и граѓаните кои живеат на село да имаат право на чиста вода, здрава животна средина, квалитетно образование и здравствена заштита, безбеден и спокоен живот.  

„Наши приоритети ќе бидат следните: Градиме инфраструктура за сите – во секое село здрава и чиста вода за пиење, во секое село системи за одведување на отпадни води, Дебрца општина без кал. Чиста животна средина, чиста вода, чист воздух, здравје за сите – нула толеранција за диви депонии, стоп за регионална депонија во Дебрца. Локален економски развој, повеќе пари кај граѓаните, можности за сите. Општина на социјална сигурност – повеќе пари за социјални трансфери. Квалитетно образование за сите. Младите во фокусот на локалните политики. Транспарентна, отчетна, услужна, правична, отворена – општина за сите граѓани. Затоа, подаваме рака кон сите граѓани на Дебрца, заедно да се избориме за подобра и понадежна Дебрца. За Дебрца во која секој е важен и секој ќе биде важен. За Дебрца, во која сакаме да живееме и создаваме. Да се избориме за живот во Дебрца за сите!“- додаде Ногачески.

WebOhrid