На 22 септември, министерката за образование и наука Рената Дескоска присуствуваше на завршната конференција на проектот на УСАИД – „Со читање до лидерство”, каде Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ги презентираше резултатите од својата студија за рана писменост, односно резултатите од националната студија за јазична и математичка писменост. Студијата е спроведена во мај 2016 година, а биле вклучени 8000 ученици од сите основни училишта во Република Македонија кои наставата ја следеле на македонски, албански и турски наставен јазик.
Покрај министерката Дескоска, присуствуваше и заменик директорoт на Бирото за развој на образованието, г. Ванчо Петрушевски, а присуствуваа и претставници од Државниот испитен центар, наставничките факултети, голем број на граѓански организации, како и претставници од основните училишта.
“Резултатите од националната студија за процена на почетната состојба со јазична и математичка писменост кај учениците од почетните одделенија од основните училишта во Македонија зборуваат за сериозни проблеми и ниско ниво на читање со разбирање и математичка писменост. Затоа планираме ревизија на наставните програми и усогласување на наставните програми по јазик и математика чија неусогласеност досега креираше голема забуна кај учениците во раните оделенија. Напредокот на општеството зависи од можноста, способноста и желбата за читање на младите граѓани, а наша одговорност е да ги зајакнеме кревките ученички плеки на кои го носат прогресот на идното општество“, истакна во своето обраќање министерката Дескоска.
Извештајот од Националната студија за процена на јазичната и математичката писменост во почетните одделенија во Македонија може да го преземете тука.