Спасовски: Полициските службеници не смеат да учествуваат во пропагандата на партиите, граѓаните да пријават било каков притисок

Министерот Оливер Спасовски денеска ја посети полициската станица Гази баба во Скопје,една од полициските станици каде штопрактично се реализира обуката “Полициско постапување за време на избори“. Обуката ја спроведува Центарот за обука на МВР,во соработка со мисијата на ОБСЕ во Република Македонија и опфаќа над 9000 полициски службеници. Овие обуки се само дел од активностите на министерството кои се во насока на одржување на мирни, фер и демократски избори.

„За МВР и за Република Македонија многу е важно како ќе бидат спроведени локалните избори. Мора да се почитува законот. Забрането е учество на полициските службеници во политичка пропаганда за било која од политичките партии и тоа е порака што ја упатувам јавно до сите вработени во МВР, бидејќи тие треба да бидат во служба на граѓаните, а не во служба на политичките партии“, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски потенцира дека многу важно ќе биде и партнерството со политичките субјекти кои треба да го дадат својот придонес за изборите да минат во најдобар ред.

„Ги повикувам граѓаните било каков притисок од било кој претставник на власта, од било кој полициски службеник, да го пријават во МВР. Одделот за внатрешна контрола во овој период ќе работи интензивно на ваквите случаи“, рече министерот Спасовски.