Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров престојуваат во работна посета на Брисел, каде ќе учествуваат на состанокот на Северно-атлантскиот совет со Република Македонија (NAC+1), што ќе се одржи утре, на 27 септември 2017 во седиштето на НАТО во Брисел.
На состанокот со амбасадорите на Северно-атлантскиот совет (NAC) со кој ќе претседава Заменикот генерален секретар на НАТО Роуз Готемелер, ќе се затвори 17-от циклус на Акциониот план за членство на РМ во НАТО, при што ќе се презентираат реализираните цели и активности на Владата на Република Македонија во насока на исполнување на поставените критериуми за членство во Алијансата.
Фокусот ќе биде ставен на реформските процеси што интензивно и навремено се спроведуваат според Планот 3-6-9, на придонесот на Република Македонија кон зачувување и унапредување на мирот и безбедноста во регионот и пошироко, како и на идните активности во рамки на проактивната надворешна политика и одбранбените реформи.
Министрите Шекеринска и Димитров утре во Брисел ќе остварат средба и со заменик генералниот секретар на НАТО Готемелер, по што во 14.45 часот во прес центарот на НАТО ќе дадат заедничка изјава за медиумите.
Во пресрет на состанокот на Северно – атлантскиот совет, министерката Шекеринска денеска во Брисел се сретна со Педро Серано, заменик генерален секретар на Европската служба за надворешна политика, а утре ќе има средба со директорот на Директоратот за планирање и политика на НАТО Пол Северо. Министерот за надворешни работи Никола Димитров попладнево во Брисел ќе се сретне со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.