Денеска во Брисел министерката за одбрана Радмила Шекеринска имаше средба со Педро Серано, заменик генерален секретар на Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС).
На средбата беа анализирани можностите за соработка во делот на одбраната и борбата против тероризмот. Стана збор и за можноста за зголемено учество на Република Македонија во мировните операции предводени од ЕУ, како придонес на Република Македонија кон европската безбедност.
Соговорниците разменија мислења околу политичките случувања во Република Македонија и реформските чекори кои ги спроведува владата во контекст на евро – интегративниот процес, во доменот на слободата на медиумите, владеењето на правото, реформите во јавната администрација, во безбедносниот сектор, унапредувањето на добрососедските односи и борбата против тероризмот.
– „ЕУ и НАТО интеграциите се стратешки интерес околу кој во Македонија има широк консензус, но неопходно е да покажеме прогрес по однос на ЕУ и НАТО агендата за да ја зајакнеме поддршката уште повеќе. На Македонија можете да сметате како на доверлив партнер“, рече Шекеринска.
– „Реформите кои се на агендата на новата влада се неопходни и ги поздравуваме. Воспоставувањето на стабилност и развиена демократија е важно не само за стабилноста на земјата туку и за целиот регион“, рече Серано.
Заменик генералниот секретар на дипломатскиот сервис на ЕУ Педро Серано најави посета на Македонија во рамките на поширока турнеја низ земјите од Западен Балкан, кога подетално ќе бидат разгледани аспектите на соработката во одбраната и борбата против тероризмот.