Доделени сертификати за завршени стручни обуки за невработени лица

Во рамките на проектот за активни мерки за подобрување на конкурентноста на пазарот на трудот, градоначалникот Никола Бакрачески на 30 невработени лица им ги додели сертификатите за завршени стручни обуки за сметководство, електро- струка и пекарство. Проектот се имплементира преку Секторот за туризам и локален економски развој, во соработка со ОЈУ Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Кузман Шапкарев“ .

„Ми претставува особено задоволство што реализиравме уште еден проект кој е дел од активните мерки за подобрување на конкурентноста на пазарот на труд. Проектот го заокружуваме денеска со оваа свеченост на која на 30 наши сограѓани, од кои 13 ги завршија обуките за сметководство, 10 за познавање на основите на електро струката и 7 за пекарство, ќе им ги доделиме сертификатите. На учесниците на обуките им упатувам искрени честитки и уверен сум дека со новите квалификации полесно ќе најдат вработување или ќе започнат свои бизниси.

Стручните обуки за невработени лица ги финансираше Локалната самоуправа во рамките на проектот за активни мерки за подобрување на конкурентноста на пазарот на трудот, што се имплементираа преку Секторот за туризам и локален економски развој, во соработка со Општинската јавна установа- Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Кузман Шапкарев“. Обуките за невработени лица, се наша стратешка цел, преку која во соработка со соодветни институции и работодавачи, ја стимулираме социјалната интеграција на невработените и ги подобруваме перформансите за нивно вработување.

Свесни сме дека еден од условите за привлекување странски инвестиции е квалификуваната работна сила. Токму поради тоа сознание имаме долгорочна визија преку обуки за доквалификација или преквалификација да ја промениме структурата на невработените кои ќе бидат поконкурентни на пазарот на трудот“- рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Со ваквата практика, како што беше речено на свеченоста, Локалната самоуправа ќе продожи и во иднина, при што , ќе се користат искуства и финансиска поддршка од Европската Унија и други меѓународни фондови за развој.