Состанок на Северно-атлантскиот совет со Република Македонија: Затворен 17-от циклус на Акциониот план за членство во НАТО

Македонската делегација во состав заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров денеска учествуваше на состанокот на Северно-атлантскиот совет со Република Македонија (NAC+1) на кој официјално се затвори 17-от циклус на Акциониот план за членство во НАТО.

Со состанокот претседаваше заменикот генерален секретар на НАТО, Роуз Готемелер, а пред амбасадорите на Северно-атлантскиот совет се обратија двајцата министри. Во таа прилика, од страна на македонската делегација, беше демонстрирана цврстата определба на Владата за унапредување на односите и соработката со НАТО и во тој контекст беа упатени следните пораки до Алијансата:

-Прво, дека НАТО може да смета на Македонија бидејќи оваа Влада ги исполнува ветените резултати преку квалитетни реформи базирани на инклузивност и партнерство и цврста заложба за воспоставување нова култура на транспарентност, отчетност и одговорност;

– Второ, Владата презема решителни чекори за промоција на својата меѓународна позиција и унапредување на регионалната соработка преку суштински пристап на водење отворени, искрени и конструктивниодноси кон нашите соседи, што имаат за цел решавање на постоечките отворени прашања во регионот, наместо создавање на проблеми. Тоа е политика базирана на взаемна доверба, почит и солидарност и

– Трето, Македонија ќе продолжи и понатаму ќе ја зајакнува својата улога како активен контрибутор кон обезбедувањето на глобалниот мир и безбедност.

На Состанокот беше реафирмиран политичкиот и општествениот консензус за Евро-атлантско интегрирање на земјата, како и целосната подготвеност на Република Македонија да се вклучи во Алијансата како нејзина рамноправна членка, согласно постигнувањата во реформите и нејзините капацитети и подготвеностаза рамноправно учество во меѓународните мировни операции.

Од страна на заменикот генерален секретар и од претставниците на земјите членки на Алијансата, беа искажани позитивни ставови и охрабрување за определбата на Република Македонија за јакнење на соработката со НАТО и за напорите што ги презема за што поскора нејзина интеграција во Алијансата.

Исто така беше искажана и широка поддршка за успешните домашни реформски процеси што ги спроведува сегашната Влада, како и поддршка за конструктивната улога на Република Македонија во регионалната соработка,а особено за стабилноста на Регионот и за нејзината улога на контрибутор кон меѓународната безбедност, со значајното учеството во мисиите на НАТО и другите мировни операции;

Во коментарите од делегациите беа упатени и препораки за натамошно силно темпо во борбата против организираниот криминал, корупцијата, реформата на судството, независноста на медиумите и другите приоритети на Владата.

Претставниците на Алијансата истакнаа дека Република Македонија е на правиот пат и изразија уверување дека постоечката динамика на имплементација на реформите, несомнено ќе придонесат кон што поскора интеграција на Република Македонија во Алијансата.

Пред состанокот со Северно-атлантскиот совет со Република Македонија, македонската делегација оствари средба со заменикот генерален секретар на НАТО Роуз Готемелер.