Денес и утре, делегација предводена од министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска присуствува на Шестиот министерски состанок на Западно-балканската платформа за образование, обука, истражување и иновација, која се одржува во Белград, Република Србија.
Покрај министерката Дескоска, на министерскиот состанок учествуваат и претставници од Европската комисија, како и министрите и претставници од Министерствата за образование на Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
Платформата за образование и наука, како и Платформата за истражување и иновација се годишни состаноци на високо ниво во организација на Европската комисија. Оваа година состанокот го отвори европскиот комесар за образование, култура, младина и спорт, г. Тибор Наврачиќ. Главната цел на платформата е да ја поддржи интеграцијата на земјите од Западен Балкан во европската истражувачка област.
“Целта на конференцијата е да се подобри регионалната соработка, да се зголемат капацитетите за истражување и наука во нашите земји, да се зголеми поврзаноста помеѓу нашите истражувачи, но и поврзување со истражувачите во ЕУ со цел да ги направиме нашите земји компетитивни во рамките на науката и образованието”, изјави министерката Дескоска.
За време на средбата, министерката Дескоска оствари средба со еврокомесарот за образование, култура, младина и спорт, г. Тибор Наврачиќ. “Разговаравме за популаризирање на овие програми во нашите земји и универзитети, за обука на младите истражувачи, за центрите за истражување и за сето она што ќе значи збогатување на искуствата на истражувачкиот кадар, на образовниот кадар, на нашите студенти – со цел да се подобрат нивните знаења и да се направи Македонија конкурентна во рамките на науката и образованието во регионални и европски рамки”, изјави министерката Дескоска.
Министерката Дескоска смета дека клучен акцент на конференцијата е можноста за што поголемо искористување на фондовите на ЕУ за развој на образованието и науката, вклучувајќи ги Еразмус плус и другите програми.
Министрите за образование од регионот, за време на Шестиот министерски состанок ќе ги разгледуваат состојбите во образовните системи на земјите од Западен Балкан, ќе го проценат напредокот на реформите и ќе се информираат за европската стратегија во областа на образованието и начините за подобрување на соработката помеѓу земјите.
За време на состанокот ќе биде одбележана 30 годишнината на програмата Еразмус, додека пак фокусот на овогодинешниот состанок ќе биде ставен на развојот на истражувачките капацитети во областа на високото образование, а ќе бидат разгледувани и можностите за зголемување на мобилноста помеѓу земјите од регионот.