Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денеска во својот кабинет оствари средба со режисерот Горан Тренчовски и со продуцентот Дејан Милошевски.
Тренчовски го информираше премиерот за последните успеси на неговиот најнов филм „Златна петорка“ кој е добитник на првата награда на меѓународниот филмски фестивал во Мумбаи, Индија, и според нивните информации, очекуваат награда и од филмскиот фестивал во Њу Џерси во САД.
Освен овие признанија, овој македонски филм има освоено и 7 други меѓународни награди.
Премиерот Заев, ги поздрави успесите на авторската екипа на овој филм, и истакна дека нивните успеси се значаен придонес во промовирање на македонската култура преку својата уметност.
„Делата на културата треба да ги гледаме како наши деца, кои остануваат да живеат и после нас со векови“ – рече премиерот Заев во оваа прилика.
Претседателот на Владата на Република Македонија, во оваа прилика, истакна дека владата прави сѐ културните квалитети и капацитети со кои располага Македонија да бидат поддржани и афирмирани.