Претседателот Иванов прими претставници од Бошњачката културна заедница

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците, денеска прими претставници од Бошњачката културна заедница во Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупната положба на Бошњаците во Република Македонија, како и можностите за унапредување и афирмирање на јазикот и културата на бошњачката традиција.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ги штити интересите на сите свои граѓани и претставува пример за почитување и прифаќање на сите етнички заедници. Воедно, Претседателот ги потенцираше заедничката одговорност за градење на лојалност кон Република Македонија и придонесот кон градење на меѓусебна доверба во општеството.

„Во оваа пригода сакам да го поздравам исклучителниот придонес на припадниците на Бошњачката заедница во економскиот, културниот и општествениот живот во земјава. Ве уверувам дека и во иднина сите државни институции, но и секој поединец ќе остане посветен на натамошна промоција на бошњачката култура и традиција и во создавањето услови за поквалитетен и попросперитетен живот на сите наши граѓани“, порача на средбата претседателот Иванов.

Претседателот Иванов го честиташе Меѓународниот ден на Бошњаците како израз на длабоката и реална почит што Република Македонија ја има за своите граѓани кои се дел од бошњачката заедница.