Вечерва во Младинскиот културен центар (МКЦ), со претставата „Нашето насилство, вашето насилство” на „Словенско младинско гледалишче“ од Љубљана, пооставена од познатиот хрватски режисер Оливер Фрљиќ ќе се отвори годинешното 42-ро издание на Младиот отворен театар (МОТ), што ќе трае до 4 октомври.
Во рамките на меѓународната фестивалска програма, ќе бидат прикажани 18 претстави од Европа и Азија. Гостувачки театри и трупи има од Зеница, од Загреб, Барселона, Амстердам, Софија, Брисел, како и од Техеран. И годинава на програма има македонска театарска продукција во селекцијата МОТ МК, што ќе биде презентирана пред околу петнаесет европски селектори и критичари.
МОТ+ програмата ќе ја сочинат три продукции во кои е вклучен специјалниот мултимедијален перформанс „Таго“ од Сеул, Кореја, што на 7 октомври ќе се одржи на плоштадот Македонија. Во придружната програма се планираат и две работилници за светло и за танц, ќе биде претставен перформативно – истражувачкиот проект „Кога зградите би зборувале” во продукција на фестивалот АКТО, ќе се одржи предавање за функционирањето на културните институции од хрватскиот професор Горан Присташ , а ќе биде промовирано и новото издание на книгата „Филозофија на паланката“ од Радомир Константиновиќ.
Фестивалските вечери ќе бидат збогатени и со музичка програма на платото пред МКЦ со концерти на Sara Renar од Хрватска, Pogan Pagan од Македонија, The Homesick – Холандија, и Elektro Guzzi од Австрија. 42-то издание на МОТ е во организација на ЈУ Младински културен центар од Скопје, а е финансиски поддржано од Министерството за Култура на РМ и Град Скопје. Претставите се одржуваат во МКЦ, Кино Култура, театар Комедија, МНТ, Детски театарски центар, во Мала станица.