МВР подготвено за претседателските избори

Министерството за внатрешни работи ги почна подготовките за постапување во рамки на законските ингеренции и обврски по распишувањето на изборите за претседател на Република Македонија.

Како што информира на денешната прес-конференција министерката Гордана Јанкулоска, согласно одредбите од Изборниот законик, МВР до ДИК во криптирана форма ги доставила податоците со кои располага во своите бази за ажурирање на Избирачкиот список. Веќе е формиран и Оперативен штаб кој треба да ги испланира и реализира сите активности во рамки на изборите, а кои, како што посочи таа, ќе бидат поделени во три фази и тоа предизборен период кој ја вклучува и кампањата, денот на изборите и периодот по затворање на гласачките места.

Јанкулоска најави дека во наредниот период ќе се формираат и регионални штабови кои ќе имаат задача на терен да ги следат случувањата во предизборниот период, да разменуваат информации со Републичкиот штаб и да преземаат соодветни мерки.

Според неа, во целост е подготвен и Одделот за обезбедување кој има обврска на сите кандидати за претседател на државата чија кандидатура ќе биде официјализирана од ДИК да им понуди соодветна заштита во текот на предизборната кампања. Се предвидува и обука за полициските службеници која ќе треба да ја реализира Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди и Центарот за обука во „Идризово“, а со цел нивна дополнителна обука.

Министерката Јанкулоска подвлече дека со цел законито и професионално постапување на вработените во МВР, Секторот за внатрешна контрола ќе преземе и други активности заради непречено одвивање на изборниот процес. Посебно внимание, рече, ќе се обрне на доследно почитување на членот 128 од Законот за внатрешни работи според кој надвор од работното време полициските службеници не смеат да се стават во функција на политичките партии заради вршење предизборни и изборни нерегуларности, да не го нарушуваат јавниот ред и мир и угледот на Министерството и да се воздржуваат од какви било провокации на активисти на политички партии.

„Секое спротивно однесување нема да се толерира и ќе повлече најстроги дисциплински мерки согласно колективниот договор на МВР и важечките закони. Вработените во Секторот за внатрешна контрола ќе постапуваат по сите претставки, а на денот на изборите ќе бидат распоредени во секторите за внатрешни работи. За секое примено известување за незаконско или непрофесионално постапување на полициските службеници припадниците на Секторот веднаш ќе излезат на самото место со цел констатирање на фактичката состојба и преземање соодветни мерки“, подвлече првиот човек на МВР.

Управните служби согласно досегашната практика ќе издаваат биометриски лични документи на денот на изборите.

„МВР очекува добра и искрена соработка со политичките партии и останатите институции задолжени за непречено одвивање на изборниот процес пред се во интерес на граѓаните и нивното демократско право да гласат по сопствено убедување. Подготвени сме да направиме се што е во наша моќ граѓаните да можат во мирна, фер и демократска атмосфера да гласаат за опцијата која сметаат дека е најдобра“, порача министерката Гордана Јанкулоска.