Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Билјана Јовановска и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон се обратија на одбележувањето на почетокот на имплементацијата на Програмата ,,Општинско – корисна работа”, која е дел од ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година.
Пред претставниците од 39 општини кои имаа можност и да дискутираат за новите оперативни насоки за реализација на проектите, како и да споделуваат искуства од програмата беше речено дека заедно со општините, Агенцијата за вработување на Република Македонија и УНДП и понатаму партнерски ќе се имплементира програмата Општинско – корисна работа, и тоа со досега најголем опсег на ангажирани лица.
,,Општините дефинитивно се активираат – 39 селектирани општини, од кои што 4 се нови што за првпат учествуваат. Вкупно се ангажираат 466 невработени лица кои сега ќе имаат можност да се стекнат со практични искуства и вештини кои ќе им помогнат понатаму полесно да се вклучат на пазарот на трудо. Општините ќе реализираат вкупно 102 видови активности од социјален карактер. Навистина импозантна бројка која јасно ја илустрира неминовната и насушната потреба од воведување на социјалните услуги и сервиси на локално ниво”, подвлече во своето обраќање министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Оваа година, за првпат, во Програмата се воведуваат и посебни профили на ангажирани лица – образовни асистенти и лични асистенти на деца со попреченост во наставен процес. Вкупно 140 лица во 18 општини ќе работат директно со ученици во текот на образовниот процес и ќе дадат дополнителна поддршка што досега им недостасуваше на родителите и на семејствата. Исто така, и оваа година, согласно ангажманот и интересот на ангажираните лица ќе им се понудат професионални сертифицирани обуки од неколку области со што дополнително ќе се зголемат шансите за идно полесно вработување и трасирање на професионалната кариера на невработените лица.
,,Во рамките на надградената верзија на Оперативниот план за оваа година, одиме чекор понапред во анимирање и вклучување на невработени лица и работодавците и вклучување на пазарот на трудот. Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги постигнеме сите предвидени цели и не само што ќе ја оствариме бројката од минимум планираните вработувања, туку ќе трасираме и повисоки цели за 2018 година”, рече директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија Билјана Јовановска. Со мерката се промовира и родова еднаквост бидејќи од 75 до 80 проценти од лицата ангажирани во оваа мерка се жени.
Постојаната претставничка на УНДП Луиза Винтон рече: ,,Оваа Програма во исто време опфаќа две многу важни целни групи: невработените и корисниците на социјални услуги на локално ниво. Неминовна е потребата од воведување на ваков тип на услуги коишто голем број на Општини и по завршувањето на проектот продолжија да ги имплементираат во нивните локални заедници”. За мерката ,,Општинско – корисна работа” се издвојуваат повеќе од 20 милиони денари од Буџетот на РМ, а дополнителни средства има обезбедено УНДП.