Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, денеска оствари средба со делегација од ОБСЕ предводена од Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Ламберто Заниер.
На средбата, министерката Дескоска го информираше Заниер за формирањето на работните групи и отпочнатите реформи во основното и средното образование, како и за подготовката на новиот Закон за високо образование.
Фокусот на средбата беше ставен на образување на младите во духот на соживотот и толеранцијата. “Треба да ги учиме младите да се почитуваат меѓусебно и да живеат заедно”, изјави министерката Дескоска.
„Реформите во образованието се клучот за промени во останатите области во општеството”, додаде министерката Дескоска, напоменувајќи дека Република Македонија е лидер во регионот во поглед на правото на образование на мајчиниот јазик на заедниците кои не се мнозинство.
Министерството за образование и наука ќе биде отворено за соработка со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ г. Заниери во поглед на остварување на заедничката цел – градењето соживот и унапредувањето на меѓуетничката интеграција и толеранција во Република Македонија.