Со низа свечености се одбележа денот на Општина Дебрца. Чествувањето започна со полагање цвеќе во село Црвена Вода на спомен обележјето на Манифестот на генералштабот на НОВ и ПОМ, потоа во салата на Основното училиште во Белчишта, пред присутните гости, со поздравен говор се обрати Градоначалникот Игор Трајкоски, a потоа следеа настапи на учениците од Основното училиште „Дебрца”.
Интегрален текст од обраќањето на Трајкоски
„Почитувани борци, почитувани пријатели, ученици и наставници од ОУ „Дебрца“, почитувани гости и почитувани Дебрчани!
Ми причинува големо зaдоволство и чест што заедно со Вас го прославуваме овој наш Патронен празник, Денот на Oпштина Дебрца, Денот на донесувањето на Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ , Трети Oктомври 1943 година, ден кој значи вовед во една силна и победоносна борба не само за слобода, туку и за достоинство, за подобар живот на идните поколенија!
Трети Oктомври не е важен само за Дебрца, туку и за Македонија, бидејќи тогаш се обединува народот со повик да се вклучи во ослободувањето на својата земја. Дебрца е поим за слободарски дух, за јунаштво и саможртва во интерес на сите, поим за неисцрпна енергија што води кон победа.
Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ од трети октомври 1943, во с.Црвeна Вода, орловското гнездо на Караорман, има програмски карактер за понатамошниот тек и организација на антифашистичката борба на македонскиот народ, повикувајќи ги не само Македониците, туку и другите етнички заедници кои секогаш биле неизоставен дел од овој крај. Пожртвуваноста на оние кои се борат за правда, слобода и неизвесност се гледа во тие нивни обиди да не прават разлики, дискриминации и поделби, туку да зближуваат и обединуваат
Политичкиот комесар Цветко Узуновски, командантот Михајло Апостолоски, членовите на Штабот: Методија Андонов Ченто, Хамди Дема, Страхил Гигов, Венко Марковски, Петре Пирузе- Мајски, Елисие Поповски, Кузман Јосифовски – Питу и Никола Минчев се основоположници и потписници на иницијативата да се обедини војската и народот, да се стави крај на фашизмот, злото кое однесе премногу животи. Нивните имиња и денес се светилници кои ни го покажуваат вистинскиот пат, патот на нашата суверена и независна Македонија, онаа која некои од нив само ја замислувале, во мигот кога го полагале највредното пред нејзината големина – животот. Затоа, во име на сите тие згаснати животи мора нашите и идните да ги направиме вредни за живеење.
Особено ние, Дебрчани, сме горди на нашето минато, на нашите вечни слободарски идеали со кои и денес чекориме, обидувајќи се да и дадеме нова смисла и димензија на Дебрца, на обидите нашите поколенија, задоени со вербата и верата во Македонија како единствена родина, да имаат подобар и посигурен живот.
Уште еднаш сакам да Ви се заблагодарам што со Вашето присуство ја збогативте нашата прослава!“– рече Трајкоски.