Средба со македонските претставници на 19. Светски фестивал за млади и студенти во Сочи

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими претставници на македонската делегација што ќе учествува на 19. Светскиот фестивал за млади и студенти во Сочи, Русија, од 14 до 22 октомври.

На собирот е предвидено учество на над 20.000 учесници од околу 150 држави, а Република Македонија ќе ја претставуваат околу 40 млади луѓе, на возраст од 18 до 35 години.

На средбата претставниците на македонската делегација го запознаа претседателот Иванов со подготовките за учество на Светскиот фестивал за млади и студенти, се заблагодарија за можноста за средба и посочија на важноста што претседателот Иванов ја дава на младинските активности.

Претседателот Иванов им посака успех на македонските претставници на 19. Светски фестивал за млади и студенти и лично им врачи знаме на Република Македонија што ќе биде развиорено на отворањето на овој настан.

Фестивалот за млади и студенти претставува платформа за дијалог, глобална форма на комуникација преку дебати, презентација на културни програми и спортски активности и ги обединува младите околу идејата за мир и пријателство. Станува збор за еден од најголемите светски настани на полето на младинската соработка. Ова е прво учество на претставници од Република Македонија на овој собир.