Георгиески: Предвидуваме Спас за Студенчишкото Блато

Носителот на кандидатската листа на СДСМ и Коалицијата, Константин Георгиески, денес одржа прес-конференција, на која говореше за заштита на Студенчишкото блато.

„Наша мисија е да ја сочуваме светоста на целокупното природно богатство кое го поседуваме. Затоа предвидуваме Спас за Студенчишкото Блато. Тоа е природен феномен од особено значење за Охридското Езеро и е негов интегрален дел. Населено е со најразлични видови растителен и животински свет. Нивото на неговата моментална заштита е недозволива. Затоа предвидуваме наместо 4 до 5 хектари, заштитата да опфаќа површина од 50 до 70 хектари. Не само што е потребно да се заштитат сите негови делови, туку е неопходно и да се ревитализира тоа што низ годините е уништено и опустошено. Блатото е последниот филтер на езерото и неопходна е иницијатива за негово спасување. Со проектот „Спас за Студенчишкото Блато“ се предвидува зголемена заштита на рибниот фонд со посебен осврт кон преземање мерки за заштита на ендемичната охридска пастрмка.“– истакна Георгиески.

Со овој проект како што рече тој се заштитува Студенчишкото блато како природен филтер на езерото, се зголемува протокот на вода, се зачувува растителниот и животинскиот свет, мрестот на крапот и гнездењето на птиците. Додаде дека со зачувување на Студенчишкото блато ќе се зачува целокупниот езерски еко систем.

„Стануваме партнер на граѓанските организации кои во годиниве покажваа значителна подготвеност да се борат до крај за зачувување на бројните природни богатства. Создаваме отворена општина, општина која е подготвена да ги слушне сите добронамерни идеи. Граѓаните се јасни и сериозни во своите барања, а ние одговорно го слушаме и го разбираме крикот за чиста животна средина. Обезбедуваме услови за здрав живот за сите.“- додаде Георгиески.

WebOhrid