Тимот кој работеше на изготвување на Номинацијата за прогласување на Прекуграничен биосферен резерват Охрид Преспа под УНЕСКО, во предвидениот рок во четвртокот ја испрати Номинационата форма до седиштето на УНЕСКО во Париз. Номинацијата е примена вчера петок во Унеско во 14:48 часот. Од тогаш почнува процесот на оценка на апликацијата за кое првично изјаснување Комисијата при УНЕСКО ќе го има во Ноември, а конечната одлука следнава пролет. Актот е испратен со писма за поддршка од Министерите за животна средина на Република Македонија и Република Албанија и од Националните Комисии на УНЕСКО на двете земји.
„Заедничкиот Тим направи огромна работа за еколошката и економската (туристичката) иднина на регионот. Ова се ретки успеси, ретки мисии дури и во светски рамки. Нормално е дека за се па и за овој чин некаде ќе се јави отпор но тој доаѓа само од неразбирање на процесот и значењето и секако од нашиот менталитет. Очекувам позитивни оценки од УНЕСКО, a во подоцнежниот процес и активирање на акционен план за управување на Биосферниот резерват кој ќе донесе многу придобивки за околу-езерскиот наш Регион. Впрочем, нашата мисија како екологисти и еко дипломатија е токму ваква!“, – истакна Дејан Пановски, македонски претставник во Билатералниот Секретаријат.
Имајќи ги во предвид исклучителните природни, културни и економски вредности на Охридско-преспанскиот регион, во текот на изминатата деценија, Билатералниот Секретаријат за Охридскиот слив имаше активна улога во бројните активности и проекти за интегрална заштита и одржлив развој на регионот. Во овој контекст, воспоставувањето на Прекуграничен биосферен резерват (ПБР) согласно UNESCO програмата „Човек и биосфера“ (МАБ) е, соодветна територијална рамка за примена на постојните и идни иницијативи за регионален развој, што ги интегрира зачувувањето на биодиверзитетот и социо-економската благосостојба на регионот
Беа одржани бројни состаноци со засегнатите субјекти од трите држави, и тоа со претставници на органите на управување созаштитените подрачја, општините, шумските оддели, невладините организации, Албанското и Македонското министерство за животна средина, како и со UNESCO органите.
„Биосферниот резерват во своите предложени граници утврдува три зони: Зона на строга заштита , гранични зони и зони на активно управување. Ништо не забранува ,но става рамки за идно менаџирање. Користа може да биде многукратна: Подобрување на живототниот стандард на локалното население преку правилно спроведување на концептот за биосферен резерват ,подобрена поврзаност на постојните заштитени подрачја преку усвојување на заедничките практики за управување и заеднички иницијативи, одобрено управување со различните водни и копнени екосистеми, преку усвојувањето на заеднички план за управување со прекуграничниот биосферен резерват, создавањезаеднички бренд кој ќе го рефлектира идентитетот на прекуграничниот биосферен резерват и ќе даде додадена вредност на локалните производи и услуги, платформа за соработка на различни институционални чинители (општини, универзитети, центри, итн.), како и невладините организации и локалните заедници, модел на регион за спроведување на иновативни практики на одржлив развој (на пример: локално, одржливо планирање на енергијата, одржлив туризам во заштитените подрачја), а нуди нови можности за координирање на барањата за меѓународна поддршка“, – укажува Дејан Пановски.