Иванов на средба со екипата на филмот „Златна петорка“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со дел од екипата на македонскиот игран филм „Златна петорка”, предводена од режисерот Горан Тренчовски, по последниот успех на филмскиот фестивал во Индија.

На средбата соговорниците го информираа претседателот Иванов за досегашното меѓународно прикажување на филмот и учеството на дваесетина светски филмски фестивали на различни континенти, како и позитивниот прием, постигнатиот успех и освоените награди. Соговорниците изразија и незадоволство од одлуката на Друштвото на филмските работници на Македонија годинава да не се номинира македонски филм во трката за Оскар во категоријата филм од неанглиско говорно подрачје.

Претседателот Иванов им честиташе на постигнатиот успех, истакнувајќи дека успешната презентација на филмот е од особено значење во промоција на македонската уметност и култура.

„Македонските уметници со своите постигнувања ја заслужуваат целосната поткрепа од институциите и севкупната јавноста”, рече претседателот Иванов, кој изрази поддршка за понатамошно прикажување на филмот и им посака понатамошен успех.