СДСМ: Леснотијата со која ветувате низа нови проекти пред старите, не го охрабрува овој народ

ОО на СДСМ Охрид, испрати реакција во врска со прес-конференцијата на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Тилевски, во која стои:

„Имајќи ја во предвид корисноста од создавање услови за спортување се со цел правилен физички развој на сите генерации, прашуваме зошто сеуште не е изграден затворениот пливачки базен во Охрид, кој ветивте дека ќе биде готов до 2017-та година.

До каде е изградбата на повеќенаменското игралиште во Лескоец кое според ветените рокови требаше да биде пуштено во употреба во 2014-та година. Зарем Лескоец изостана зад новите ветувања за спортски и детски игралишта во с. Пештани и населбата Железничка?

Во насока на развој на спортот и поттикнување на екстремните спортови ветивте дека во 2013-та година на Галичица ќе изградите база за летнување, а во Љубаништа база за слетување за екстремни спортови со лесни летала.

Спортистите кои се занимаваат со екстремните спортови, сеуште сами си обезбедуваат услови за летање и слетување со лесни летала. И овој проект го ветивте и не го остваривте.

Да ве потсетиме дека ветувавте и Катастар на спортски објекти, кој според роковите требаше во 2013-та година да даде целосна слика на спортските објекти во Охрид.

Ветивте и не остваривте. Наместо тоа, продолжувате напред со нови ветувања. Леснотијата со која ветувате низа нови проекти пред старите, не го охрабрува овој народ.

Нашите граѓани се нашето богатство, а ние заедно со нив ќе успееме да донесеме живот за сите во Охрид.“-стои во реакцијата.