Се очекува забрана за увоз на пилешко, свинско, говедско и коњско месо од Бразил

Согласно своите надлежности, Агенцијата за храна и ветеринарство ги информира домашните компании дека Генералниот директорат за здравствена заштита и безбедност на храната на Европската комисија (DG SANTE) спроведе инспекциски контроли во Бразил со цел евалуација на контролите на производството на говедското, пилешкото и коњското месо и производите од нив, како и евалуација на контролите на резидуи и контаминенти во живи животни и производи од животинско потекло, вклучувајќи и контроли на ветеринарно-медицинските препарати.

Во финалните извештаи од спроведените инспекциски контроли од страна на DG SANTE се утврдени наоди на недоследности при спроведувањето на соодветните контроли од страна на надлежните органи на Бразил. Се очекува во најкус можен рок да бидат преземени мерки со цел спречување на влез во Унијата на храна од животинско потекло која не ги исполнува пропишаните барања за безбедност, а потекнува од Бразил. Мерките главно ќе бидат насочени кон спречување на влез во ЕУ на небезбедно свинско, пилешко, говедско и коњско месо и производи од истите и ќе резултираат со промени во Листата на трети земји и објекти од кои е дозволен увоз на храна од животинско потекло во ЕУ.

Согласно наведеното, во Република Македонија може да се врши увоз на храна од животинско потекло доколку потекнува од трети земји или делови на трети земји кои се на листата од кои е дозволен увоз во Европската унија и која ја составува и ажурира Европската комисија, при што секоја промена на истата ќе резултира и со соодветни мерки преземени и од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Поради сето наведено погоре, а во интерес на бизнис заедницата чиј репрезент и застапник е Стопанската комора на Македонија, потребно е пред остварување на бизнис зделки, во овој случај со оператори од Бразил, редовно да се следат сите измени на Листата на трети земји од кои е дозволен увоз на одредена храна од животинско потекло во Европската унија на веб-адресата: https://ec.europa.eu/food/safety/international_affairs/trade/non-eu-countries_en со цел да се избегнат несакани активности како одбивање и/или нештетно уништување на пратките на храна од животинско потекло која потекнува од објекти од кои не е дозволен увоз на храна од животинско потекло во Република Македонија.