Спасовски: Полицијата нема да дозволи какво било загрозување на правото на граѓаните да го дадат својот глас на мирни, фер и демократски избори

Министерството за внатрешни работи го расчисти настанот од 02-ри овој месец на улицата “Гвадалахара“ во населбата Шуто Оризари, кога две групи физички се пресметаа меѓу себе, соопшти министерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција.

„СВР Скопје изготви осум записници за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир за “нарушен јавен ред и мир со тепачка“ против осум лица и тоа: Ш.Д.; Ф.Ф.; Ј.С.; Х.А.; Х.М.; Х.И.; Е.Б. и А.М.“, рече министерот Спасовски.

Целокупниот документиран материјал во прилог на посебно Известување, согласно чл.280, ст.2 од Законот за кривична постапка се доставени до ОЈО Скопје за понатамошна постапка. Сега надлежното Обвинителство треба да се произнесе околу натамошното постапување по однос на овој случај.

„Во оваа прилика сакам да го истакнам фактот дека Министерството за внатрешни работи е одлучно во намерата – а за тоа имаме достаточен капацитет – да ги открие и согласно законите, да ги процесуира сите вакви настани кои се закануваат да фрлат дамка врз претстојниот изборен процес. Независно кој од која политичка партија доаѓа, кој чиј симпатизер е во ваквите и слични случаи – за МВР единствено примарно ќе биде почитувањето на законите, што мора и ќе важи за сите подеднакво“, рече Спасовски.

Тој потенцира дека секаков обид кој било да се затскрие или ја злоупотреби полицијата како “наша“ или “ваша“ ќе биде законски санкциониран.

„Ја користам можноста да ја изразам нашата категорична осуда на чинот од 02-ри овој месец како и на сите обиди изборниот процес да се компромитира, а кај граѓаните да се создаде претстава за несигурност. Затоа МВР уште еднаш апелира до сите актери на претстојните избори да ги почитуваат демократските и нормативни стандарди. Македонската полиција нема да дозволи какво било загрозување на правото на граѓаните да го дадат својот глас на мирни, фер и демократски избори“, рече Спасовски.