Државниот секретар во Министерството за одбрана на Република Македонија, Драган Николиќ, ја предводи делегацијата на Република Македонија на 38. Состанок на Мултинационалната советодавна група (МАГ) во РАКВИАК – Центарот за безбедносна соработка, што денеска и утре се одржува во Ракитје, Загреб, Република Хрватска. МАГ е уравувачкиот механизам одговорен за РАКВИАК, и е составен од претставници на полноправните и придружните земји-членки, како и земјите-набљудувачи. Република Македонија е полноправна членка на оваа меѓународна организација во регионална сопственост, која е независна, непрофитна и академска организација со статус на дипломатска мисија.
Денеска на состанокот беше презентирана програмата на Центарот за 2018 година која беше усвоена од стана на земјите-членки. Беше усвоен и буџетот за следната година, а се разговараше и за состојбата со персоналот.
Државниот секретар истакна дека Република Македонија е силно посветена на регионалните иницијативи и проекти и изрази уверување дека истите претставуваат клучен принцип за стабилен и безбеден регион. Николиќ рече дека овој Центар претставува одлична платформа за различни форми на координација, соработка и дијалог, за силен одговор на современите предизвици во меѓународната безбедносна и одбранбена политика, што води кон градење на доверба и безбедност меѓу земјите-членки. Во таа насока, државниот секретар истакна дека Република Македонија ќе продолжи да ги исполнува превземените обврски од Договорот, со тоа што од 2001 година постојано упатува свој персонал, секоја година е домаќин на активности организирани од страна на РАКВИАК и партиципира во оперативниот буџет на РАКВИАК од неговото формирање.
На маргините на состанокот, државниот секретар Николиќ оствари средба со преставниците на земјите-членки на РАКВИАК, а исто така, оствари средба и со Директорот на РАКВИАК, Амбасадорот Хајдар Берк.