Заев: Владата целосно ги поддржува младинските политики

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска оствари работна средба со претставници од Националниот младински совет на Република Македонија (НМСМ).

На средбата беа договорени конкретни чекори за соработка, вклучувајќи специјална владина седница заедно со претставници од Националниот младински совет на Македонија и младинските организации, иницијатива за изнаоѓање на трајно оддржливо буџетско решение за НМСМ, и беа разгледувани конкретни предлог-решенија за инклузивност на младите особено како коректив во креирањето на политиките на ниво на владини тела.

Лично се сметам за политичар кој е поддржувач на младите и младинските политики уште од периодот кога бев градоначалник. Сега од позиција на премиер, ќе се обидам преку формирањето на буџетот да ги охрабрам и локалните самоуправи да го следат примерот на Владата и тие да определат буџет за поддршка на локалните младински совети – рече премиерот Заев во текот на средбата.

Премиерот ги охрабри претставниците од Советот да изготват идеи и решенија кои ќе ги претстават пред Владата кои ќе бидат во насока на подигање на свеста за јакнење на младинскиот активизам, инклузивноста на младите во општествените процеси како и креирање на највисоките младински политики во државата, со цел унапредување на квалитетот на животот и младинскиот стандард. Разговарана е можноста за формирање на заедничка мониторинг комисија која би се бавела со Младинската гаранција и нејзиното имплементирање како мерка. Во рамки на предлозите и решенијата, преставниците на Националниот младиснки совет на Македонија посочија и предлог-модели за ефективно функционирање на локалните младински совети.

Владата е сензитивна и има слух по ова прашање. Поддршка од Владата како млади луѓе имате. За мене нема ништо поважно од сопирањето на одливот на интелигенцијата од државата како и работните места на младите – рече Премиерот Заев во текот на средбата.

Претставниците од НМСМ искажаа задоволство од информираноста на премиерот за работата на регионалната младинска канцеларија која е дел од Берлинскиот процес и изразија силна поддршка за Младинската гаранција, со која, како што истакнаа на средбата, според нивните искуства, Македонија е единствена држава во регионот во имплементирањето на младинска ЕУ политика како земја која сè уште не е членка на ЕУ.

Тие истакнаа и дека како Национален младински совет на Македонија можат да бидат ресурс во имплементирањето на Младинската гаранција во насока на следење и подобрување на процесот на спроведување на оваа владина мерка, со што ќе се зацврсти пораката дека младите се во центарот на интересот на новата влада.