Средба на Директорот на Бирото за јавна безбедност Велковски со неговиот грчки колега, генерал – полковник Тсувалас

Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Лазо Велковски денеска во Солун оствари средба со шефот на полицијата на Република Грција, генерал – полковник Константинос Тсувалас. Главни теми во разговорот помеѓу првите луѓе на македонската и грчката полиција беа справување со тероризмот, организираниот криминал и миграциите.

Во рамки на посетата на претставници на полицијата на Република Македонија на полицијата на Република Грција беше одржана и средба на два тима помошници во кабинетите на директорите на полицијата. На оваа средба, исто така, главен акцент беше даден на тероризмот, организираниот криминал и миграциите. Со оглед на сегашните позиции на Република Грција и Република Македонија во меѓународни рамки, договорено е заедничките активностите да се одвиваат директно преку раководителите на организационите единици задолжени за справување со тероризмот, организираниот криминал и миграциите. Исто така, договорено е да се воспостават контакт точки преку соработка на експертски тимови од секоја организациона единица на двете полиции.

На состанокот на претставниците на грчката и македонската полиција била искажана подготвеност да се иницира одржување на уште еден состанок на кој ќе се постигне договор за соработка во областа на криминалистичко-разузнавачката анализа и тероризмот. Соработката ќе биде продлабочена и издигната на повисоко ниво. Во духот на градење на добрососедски односи, двете министерства ќе соработуваат со поголема меѓусебна доверба.