Запленети девизи, ловечка муниција, медицински апарати, прехранбени производи и фалсификати

Во текот на минатата недела се откриени неколку обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани девизи, ловечка муниција, медицински апарати, прехранбени производи и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Готови пари

– 3.900 евра, откриени при контрола на македонски автомобил и личен претрес на возачот, македонски државјанин, и сопатникот, косовски државјанин, пријавени за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. На прашање на царинските службеници сопатникот пријавил дека со себе носи 4.000 евра, додека возачот пријавил дека носи 7.000 евра, за кои приложил документ од овластена менувачница. При личниот претрес на патниците, кај косовскиот државјанин биле пронајдени само пријавените 4.000 евра, сума што согласно законските прописи нерезиденти може слободно да ја изнесат од државата, додека кај возачот покрај пријавените 7.000 евра, биле пронајдени уште 3.000, сокриени во внатрешен џеб од неговата јакна. При контрола на возилото пак, помеѓу возачкото и совозачкото седиште, под пасошот на возачот биле пронајдени уште 900 евра. На возачот му биле вратени 7.000 евра за кои поседувал документ за потекло додека 3.900 евра биле привремено задржани и поведена е прекршочна постапка за сторениот девизен прекршок.

Ловечка муниција

– 475 парчиња ловечка муниција со калибар 12/70, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавената муниција, пронајдена во неколку кеси, сместени пред и на задното седиште на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Медицински апарат и делови

– 1 апарат за запирање на крварење и 15 делови за истиот (педала, кабел за електроди, електроди, стерилен кабел за заземјување, медицински биполарен кабел и електрична пинцета), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Јажинце. Непријавените производи, пронајдени во 2 најлонски кеси, сместени под возачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Прехранбени производи

– 42 килограми свежо месо и 42 килограми сувомеснати производи, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во багажникот и позади предните седишта на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 34 женски ташни со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на германски камион за транспорт на возила, управуван од српски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Камионот бил натоварен со дефектни возила, а сомнителните производи се пронајдени во едно од возилата натоварени на камионот. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Пазарната вредност на сомнителните производи е проценета на околу 400 илјади денари, доколку би се продавале како оригинални.