Спасовски: Изборниот ден помина мирно, без сериозни нарушувања на текот на гласањето

Во текот на изборната кампања, а особено денес на изборниот ден, Министерството за внатрешни работи целосно беше ставено во служба на граѓаните на Република Македонија, рече министерот Оливер Спасовски на прес конференцијата по затварањето на избирачките места.

„Наша задача беше да обезбедиме услови изборниот ден да помине мирно и безбедно и граѓаните да можат слободно и без притисоци да го остварат своето право на глас. Оценка на оперативниот штаб на министерството е дека изборниот ден помина мирно, без сериозни нарушувања на текот на гласање. Преку воспоставената структура на известување и координација беа регистрирани случаи на краткотрајни прекини на гласањето или пак задоцнето отварање на некои избирачки места, но не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир кои се директно поврзани со изборните дејствија“, рече Спасовски.

Примени се вкупно 46 пријави по разни основи (поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање на гласачко ливче, како и гласање за друг).

„По однос на пријавите, од десетте случаи на фотографирање на гласачко ливче сите овие настани се расчистени, при што десет лица се приведени од кои четири во Скопје, две лица во Охрид, едно во Жупа, едно во Куманово, едно во Струмица и едно во Гостивар. Приведено е и едно лице од Скопје за неовластено снимање. Против овие лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така расчистени се и настаните односно нарушувањата на јавниот ред и мир во избирачкото место во село Горно Седларци, тетовско и населбата Бутел во Скопје“, рече министерот Спасовски.

По основ на сомнение за давање поткуп при гласање во Битола во близина на избирачкото место во ОУ „Ѓорѓи Сугаре“ приведени се три лица.

„По основ на гласање во име на друго лице, приведени се две лица, во Мирковци и Кавадарци. Потоа, по пријава на член на избирачки одбор од Ресен на гласачко место во ОУ “Мите Богоевски“, откриен е гласач којшто дошол на гласање, роден во Р. Албанија, а со лична карта со адреса на живеење идентична на адресата на пријавителот, односно членот на избирачкиот одбор. Се работи на целосно расчистување на случајот. Во текот на денот Одделот за внатрешна контрола на МВР постапуваше во пет случаи во кои беше пријавено дека полициски службеници се однесувале незаконито или непрофесионално. Констатирано е дека три пријави се неосновани, а една е основана. Против полицискиот службеник за кој е констатирано дека постапувал непрофесионално ќе бидат преземени соодветни мерки.“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски потенцира дека Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе постапува единствено штитејќи ги правата на граѓаните и обезбедувајќи им достоинствени услови за изразување на нивната волја.