Во рамки на Манифестацијата „Нов културен бран“, која се реализира со поддршка на Министерството за култура, музичкиот состав насловен како „The quartet “ на 17 октомври во Штип ќе одржи концерт насловен „Свита за флејта и џез пијано трио“, на кој ќе бидат изведувани дела од францускиот џез пијанист и композитор Клод Болинг. На 18 октомври квартетот ќе се претстави во Свети Николе, а на 30 октомври популарните свити ќе бидат изведени и пред публиката во Велес.
На концертите, коишто се во организација на Музичката младина на Македонија, ќе бидат изведени свити од овој светски етаблиран композитор, дела кои се мошне примамливи за публиката. Квартетот е составен од академски музичари, кои имаат долгогодишно искуство во музицирањето и тоа: Марија Јакимовска – флејта, Билјана Петровска – клавир, Динко Степаничев – контрабас и Гоце Стевковски – удиралки.
Во текот на септември, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“, квартетот одржа концерти и во Кавадарци, Куманово и Тетово.