Специјализирана обука за раководниот кадар во МО – Лидерски вештини

Државниот секретар во Министерството за одбрана на Република Македонија, Драган Николиќ, со свое обраќање ја отвори тридневната специјализирана обука „Лидерски вештини“ намената за раководниот персонал во институцијата, која се одржува во Домот на АРМ, а е во организација на Секторот за човечки ресурси при МО и Мотива – Центарот за образование и обука.

Тој во своето обраќање пред присутните рече дека оваа обука има за цел зајакнување на компетенциите и капацитетите на вработените во насока на поефективно спроведување на поставените цели, преку унапредување на лидерските вештини и практикување на соодветен стил на лидерство.

„Развојот на лидерството е од исклучително значење особено што вие учесниците на обуката работите во една стратешка област како што е одбраната. Во делот на стратешките реформи кои се рестартирани во МО преку изработката на стратешките документи, стратешкиот одбранбен преглед и стратегијата за одбрана, една од целите на подготовката на Република Македонија за членство во НАТО е развивање и на лидери и менаџери во МО и АРМ“– истакна Николиќ.

„Способноста да се водат и луѓето и процесите е гаранција дека било кои предизвици и ситуации низ кои ќе помине организацијата ќе бидат надминати на најмудриот и најефикасниот начин. А вложувањето во развојот на клучниот раководен кадар е вложување во сегашноста, но и во иднината на организацијата“ – рече државниот секретар.

Ранко Безар од Мотива – Центарот за образование и обука во воведно обраќање до учесниците кажа дека претстојната обука е развој на искуството дополнет со сознанија од практичен и теоретски аспект во областа на лидерството. Тој додаде дека на претстојната обука учесниците ќе се запознаат со факторите за успех во работењето, што може да придонесе до охрабрување, мотивирање, инспирирање на вработените во тимот, во насока на исполнување на задачите.