Премиерот Заев му ја честиташе изборната победа на Себастијан Курц

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, му ја честиташе изборната победа на парламентарните избори на лидерот на австриската конзервативна Народна партија, Себастијан Курц.

„Во име на Владата и лично, од срце ви ја честитам победата, вам и на вашата политичка партија на предвремените парламентарни избори во Република Австрија. Република Австрија игра важна улога за стабилноста на регионот на Западен Балкан и се надевам дека заеднички, и во светлината на ЕУ аспирациите на Република Македонија, ќе придонесеме кон постабилен и просперитетен регион“ – вели премиерот Заев во честитката до својот колега Курц.

Премиерот Заев во своето писмо потенцира дека за Република Македонија од особена важност е и продлабочување на билатералната соработка со Република Австрија, за што, како што вели во честитката, очекува заложби од двете страни.