Заеднички став на премиерот Заев и црногорскиот премиер Марковиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со својот црногорски колега, Душко Марковиќ. По средбата, на заедничка прес конференција за медиумите, истакнаа дека двете пријателски земји интензивно ќе соработуваат за побрза интеграција во Европската Унија на целиот регион.

Ви ги пренесуваме во целост обраќањата за медиумите на премиерите на Македонија и на Црна Гора, Зоран Заев и Душко Марковиќ.

Почитувани присутни, почитувани претставници на медиумите, пред вас сме да најавиме дека Република Македонија и Република Црна Гора влегуваат во реализација на засилена економска соработка и партнерски исчекори во развојот на добрососедските односи, за заедничка евро-атлантска иднина на целиот регион.

Постои силна политичка волја на највисоко, премиерско и владино ниво, да ги продлабочиме односите помеѓу Република Македонија и Република Црна Гора, двете пријателски држави немаат отворени политички прашања и тоа е одлична база за вистинско интензивирање на соработката на сите нивоа, во интерес на граѓаните на двете земји.

Ќе отвориме можности, подготвени сме како влади да ги овозможиме потребните услови, да ги поттикнеме нашите деловни комори меѓусебно да се поврзат, за нови инвестиции во државите, за нови работни места за граѓаните, за подобро платени работни места, што е наш заеднички интерес.

Ова е можно ако заеднички работиме на усогласување на стандардите што ги бара Европа, со цел да го зголемиме економскиот пазар, затоа што така ќе го свртиме вниманието на големите европски и светски компании кон нашите држави.

Разговаравме за проширување на соработката во образованието, здравство, туризам, наука и технологија и за други области. Ги разгледуваме можностите за воспоставување директен лет помеѓу Македонија и Црна Гора. Двете држави можат да си помогнат многу и во евро-атлантските аспирации.

Разменивме денеска со премиерот Марковиќ нови искуства што значи за Црна Гора членството во НАТО, дека тоа не е само стабилност и безбедност за земјата туку и економски перспективи и споделивме очекување дека Македонија ќе биде следната 30 земја членка на НАТО.

Како Влада на Република Македонија, како општество, се посветивме на реформските процеси, одлучно работиме на нивното спроведување според предвидената динамика и уверен сум дека моите, нашите очекувања и оптимизам дека се отвораат евро-атланските перспективи на државата, се основани“.

Го поздравувам учеството на премиерот Марковиќ на Бизнис самитот 100 што ќе се одржи во Скопје, со што Македонија и Црна Гора ќе испратат важна порака, дека по Трст, по Драч, ја продолжуваме агендата за поголема регионална соработка тука во Скопје, следниот месец продолжуваме во Будва, и со тоа ги отвораме шансите на целиот регион за интеграција во ЕУ и во НАТО.

Обраќање на претседателот на Владата на Црна Гора, Душко Марковиќ

„Дами и господа, господине претседател, нашите денешни разговори со вас и со вашите соработници потврдија дека нашите односи се карактеризираат со отворена и пријателска соработка, која се одвива на високо ниво.

Црна Гора и Македонија, како што рековте, немаат отворени прашања. Напротив, имаат исклучителна меѓусебна комуникација и во регионот претставуваат пример за одлична билатерална соработка.

Премиерот Заев и јас, во текот на денешниот разговор се потсетивме дека ова е наша 5-та средба во последните 4-5 месеци, почнувајќи од Брисел, преку Трст, Подгорица, Драч и сега во Скопје.

Тоа само по себе говори дека на најдобар начин имплементираме една нова практика меѓу лидерите во регионот.

Значи, директната комуникација и отворениот дијалог се единствениот пат за надминување на недоразбирањата, за повисок степен на доверба меѓу сите нас, и конечно, не постои друг начин за достигнување на нашата најважна цел – мирен и просперитетен живот на Западен Балкан.

И овој пат ја потврдивме посветеноста за европската и евроатланска визија за целиот регион на Западен Балкан.

Како најмлада члена на сојузот на НАТО и како предводник на интеграцискиот процес со Европската Унија, Црна Гора силно ќе ја поддржува истата перспектива за Македонија, како и за останатите земји аспиранти во регионот.

Во тој контекст, укажавме на значењето на самитот А-5 кој се одржа во Подгорица, на 2 август, кој Црна и Македонија заедно го организираа. На него уште еднаш, и од страна на потпретседателот на САД, Мајк Пенс беше потврдена политиката на отворени врати и подготвеноста на Алијансата за проширување.

Исто така, на Владата и изразив подготвеност, дека стекнатите знаења и искуства од преговарачкиот процес со Европската Унија ќе ги споделиме со Македонската Влада, за побрза и поквалитетна интеграција на двете земји во ЕУ.

На билатерален план, ја потврдивме определбата за унапредување на соработка во областа на економијата и подобра инфраструктурна поврзаност.

Конкретно, ќе бараме модел за воспоставување на авио линија Подгорица – Скопје, која би придонела за поврзување на бизнис заедницата, промоција на туристичките потенцијали и привлекување странски инвестиции.

Му се заблагодарив на премиерот Заев за поддршката на Македонија на иницијативата на Црна Гора за основање на Меѓународен научен институт за развој на одржливи технологии на просторот на Југоисточна Европа.

Ова е многу важен проект, го поддржаа сите земји од регионот и очекуваме за десеттина дена во Церн, Женева да биде потпишана и декларација за основање на овој Институт.

Ја разгледавме и нашата договорно – правна база, која наскоро ќе биде збогатена со потпишување на низа важни билатерални договори.

Конечно, се согласивме дека интензивирањето на меѓусебните посети на високо ниво, треба да продолжи и во следниот период. Затоа, веќе во ноември црногорските министри за одбрана, како и за надворешни работи ќе разговараат со своите колеги во Скопје.

Мојата прва посета на Македонија ќе биде и можност утре да се сретнам и да разговарам со претставниците на црногорската дијаспора во оваа земја, како и со почесниот конзул на Црна Гора.

На крајот, му се заблагодарувам на Премиерот Заев за топлото добредојде и за гостопримството, со уверување дека ни претстои навистина светла перспективна соработка меѓу двете пријателски земји.