Заменик министерот за труд и социјална политика д-р Елми Азири се обрати на настанот по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата кој го организираше Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот Факултет-Скопје каде што се дискутираше за сиромаштијата во Република Македонија како научен и општествен предизвик и што недостасува за ефективно мапирање и справување со неа.
При тоа заменикот Азири рече дека Република Македонија бележи тренд на континуирано благо намалување на сиромаштијата и нееднаквоста. Сепак, и покрај таквите позитивни трендови, сиромаштијата во државата сеуште е на изразито високо ниво, поради што справувањето со овие предизвици и унапредувањето на состојбите кои директно влијаат на сиромаштијата остануваат еден од главните приоритети на Владата на Република Македонија.
,,Во оваа насока неопходно е да се интензивираат напорите за зајакнување и што подобро и поефикасно користење на расположливите човечки и материјални ресурси, заедничко дејствување, координација и соработка на сите релевантни субјекти во функција на побрз развој, повисок стандард, поквалитетно живеење и развиток на механизмите за социјално вклучување на ранливите категории на граѓани во локален контекст”, рече заменик министер за труд и социјална политика д-р Елми Азири.
Во однос на намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост, една од мерките кои досега се преземаа за поголема социјална сигурност за материјално најзагрозените семејства беше континуираното зголемување на висината на паричните надоместоци (социјалната парична помош и постојаната парична помош), како и мерките за подобрување на заштитата на лицата во ризик од социјална исклученост, преку воведување на нови парични права од социјална заштита и континуиран развој на социјалните услуги во заедницата.
Директно влијание врз состојбите со сиромаштијата и социјалната исклученост има и состојбата на пазарот на труд, политиките за вработување, поддршката во делот на креирање на нови работни места, вклучување на пазарот на труд на ранливите категории на граѓани, како и политиките и мерките во делот на образованието, јакнењето на човечкиот капитал и вештините итн.
И покрај сѐ во 2015 година процентот на население кое живее во сиромаштија изнесува 21.5%. Имајќи ја предвид целта на Владата на Република Македонија која треба да се постигне во 2020 година за намалување на стапката на сиромаштија под 16 %, неопходно е да се преземат суштествени реформи, при што, покрај мерките за вработување, креирање на работни места и прилагодување на образованието со пазарот на труд, потребно е да се подобри ефективноста на паричните давања и ефикасноста на бенефициите и социјалните услуги што се испорачуваат до крајните корисници.
Предвидена е една сеопфатна реформа на системот на социјална заштита во насока на создавање на можности за ефикасен одговор и справување со идентификуваните предизвици во делот на социјалната заштита, сиромаштијата и социјалната вклученост. Целта на реформата на системот на социјална заштита е да се обезбеди правилно таргетирање и насочување на социјалните бенефиции кон лицата и семејствата кои се наоѓаат во социјален ризик од сиромаштија и социјална исклученост.
По повод 17-ти Октомври Меѓународниот ден за борба против сиромаштија, и здружението за хумано-општествен развој Проект Среќа, организираше прес конференција на која зема учество и заменик министерот за труд и социјална политика д-р Елми Азири.
Тој при тоа рече дека:,,Република Македонија е дефинирана по Устав како социјална држава, но за жал во реалноста ова често затајува. Токму затоа, наша стратешка цел е да го прекинеме кругот на сиромаштија на начин што, како прво, до 2020 зацртавме дека прагот на сиромаштија ќе го намалиме под 16 %, второ, дека кругот ќе го прекинеме не само преку давање и исплаќање на парична помош на социјално исклучените лица туку и со нивно активно вклучување во пазарот на трудот со создавање на можности за нивно вработување. Покрај ова, потребно е да се подобри ефективноста и ефикасноста на паричните давања бидејќи досегашниот дизајн на социјалните трансфери е доста нерамномерен и неадекватен и за надминување на оваа состојба, предвидена е една сеопфатна реформа на системот на социјална заштита во насока на обезбедување на правилно таргетирање и насочување на социјалните бенефиции кон лицата и семејствата кои се наоѓаат во социјален ризик од сиромаштија и социјална исклученост”.