Порака на министерката Царовска по повод Светскиот ден на борбата против сиромаштијата

Порака на министерката Мила Царовска по повод Светскиот ден на борбата против сиромаштијата

„Денеска се одбележува Светскиот ден на борбата против сиромаштијата.

Оваа борба е и наш најголем предизвик, бидејќи во Република Македонија 21,5 проценти од населението живее во сиромаштија

Сиромаштијата е одредена од економски, социјални и политички фактори. Секако, таму се наоѓа и решението.

​За позначајни резултати на ова поле е потребно време. Но кога постои политичка волја, некои работи може да се менуваат веднаш- како што е кратењето на непродуктивни и неразумни трошоци, за да останат повеќе пари за граѓаните, за заедницата.

Екстремните форми на сиромаштија мора да се искоренат. Никој не смее да остане без храна, облека и покрив над глава. Македонија е со Устав дефинирана како социјална држава, но во реалноста, системот често затајува.

Нашата главна обврска е да излеземе во пресрет на најранливите, а со тоа и најпогодени од сиромаштијата. И тоа не само преку парична помош, туку и со нивно вклучување на пазарот на труд. Само така вистински се прекинува кругот на сиромаштија од генерација во генерација.

Во нашата земја, за жал, не се сиромашни само оние кои што немаат работа, туку и голем број вработени. Токму затоа се важни мерките за зголемување на минималните приходи, со кои на луѓето директно им се помага да се искачат над линијата на сиромаштија, односно минималното ниво на приход кој е потребен за да се обезбедат животните потреби.

За да успее оваа борба на младите мора да им се гарантира перспектива, можност да работат и напредуваат дома, за да запре нивното иселување.

Треба многу да се работи и на подобрување на економската позиција на жените во нашето општество, што е клучно за севкупниот развој. Исто како што е важно образованието да биде квалитетно и достапно.

Значаен дел од борбата против сиромаштијата е социјалните услуги да бидат блиски до граѓаните. Обезбедување различни видови услуги и функционални центри за поддршка, значат и подобар животен стандард за граѓаните.

Почитувани сограѓани,

За да измериме колку сме постигнале во оваа борба, мора да си поставиме одредници. Нашата цел на среден рок е да ја намалиме стапката на сиромаштија под 16% во 2020 година.

За исполнување на целта, клучен е економскиот развој кој ќе значи повеќе средства и услуги за сите. Секој од нас, а особено ние, кои носиме одлуки во ваше име, мора да останеме посветени на оваа кауза- Што повеќе луѓе да исчекорат над линијата на сиромаштија и никогаш повторно да не се најдат под неа. Да создадеме општество во кое никој нема да биде изоставен.“