Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваните амбасадори на Шпанија, Чешка и Кувајт

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Шпанија, на Чешката Република и на Државата Кувајт за Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија, Н.Е. г. Емилио Лоренсо Сера, претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија, коишто претставуваат одраз на меѓусебното разбирање и искрена почит. Македонскиот претседател изрази благодарност за поддршката од Шпанија за реализација на европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија, како и очекување, дека ваквата поддршка ќе продолжи со поголем интензитет во периодот којшто следува. Претседателот Иванов на церемонијата на предавање на акредитивите, рече дека изминатиот период со големо внимание, но и загриженост ги следи настаните во Шпанија. „Во оваа прилика, би сакал да ја нагласам мојата увереност дека Шпанија ќе најде сили и ќе ги надмине политичките премрежја, од кои ќе излезе уште посилна и посплотена”, истакна претседателот Иванов. Осврнувајќи се на бегалската криза што го зафати европскиот континент, на јакнењето на радикализмот и порастот на терористичките напади, како тие што неодамна се случија во Барселона и Камбрилс, македонскиот претседател ја нагласи потребата од поблиска соработка во областа на безбедноста. „Само со заеднички настап и поголема сплотеност и солидарност на демократскиот свет, ќе може да се одговори на современите безбедносни предизвици”, рече претседателот Иванов.

На средбата со Н.Е. Мирослав Томан, новоименуван амбасадор на Чешката Република во Република Македонија, претседателот Иванов го поздрави воспоставениот плоден политички дијалог на сите нивоа и достигнатото високо ниво на односите меѓу двете држави, додавајќи дека Република Македонија придава посебно значење на градењето на блиски и пријателски односи со Чешката Република, со која нė врзуваат силни историски и културни врски. „Чешката Република е еден од нашите најзначајни пријатели, партнери и поддржувачи во реализацијата на нашите стратегиски цели. Би сакал и во оваа пригода да изразам благодарност за сета досегашна поддршка од Вашата земја, а особено за принципиелната, конзистентна и отворена поддршка на Европските и евроатлантските аспирации на Република Македонија”, истакна претседателот Иванов, истовремено изразувајќи благодарност и за чешката поддршка и помош во справувањето со последиците од бегалската и мигрантската криза.

Akreditivi_Kuvajt_03

На средбата со H.E. г. Јакуб Алтеги, новоименуван aмбасадор на Државата Кувајт за Република Македонија, со седиште во Софија, претседателот Иванов изрази подготвеност за продлабочување на политичката, а особено економската соработка меѓу двете држави.

„Ценам дека постои заедничка желба посеопфатно и посодржински да ги развиваме и да ги унапредуваме меѓусебните односи за доброто на нашите пријателски земји”, истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.