Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров оствари средба со новиот вонреден и ополномоштен амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија, Емилио Лоренцо Сера.
Министерот Димитров му посака добредојде во Република Македонија на новиот шпански Амбасадор и многу успех во извршувањето на доверената должност.
Амбасадорот Сера го информираше министерот Димитров за развојот на настаните во Шпанија и посебно во шпанската автономна заедница на Каталонија, при што министерот Димитров го реафирмираше македонскиот став дека референдумот во Каталонија што шпанскиот Уставен суд го прогласи за нелегален е внатрешно прашање на земјата кое посакуваме да се реши преку политички дијалог и во рамките на Уставот на Шпанија.
На средбата беа разменети мислења и околу развојот на билатералните односи и соработката помеѓу двете држави, како и за можностите за нивно унапредување, со акцент врз нашата цврста определба за што поскоро европско и евро-атлантско интегрирање на Република Македонија.