Николовски: Политиките за развој на земјоделството ќе се креираат во соработка со науката

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска учествуваше на третиот Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна, кој се одржува во Охрид, во организација на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

На симпозиумот учествуваат претставници на академската заедница, на бизнис-секторот, на останати институции и реномирани научници од 26 земји. Овој симпозиум се одржува по повод 70-годишнината од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Во своето обраќање министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека земјоделството е еден од најважните сектори кој во вкупниот бруто домашен производ учествува со 13 проценти, кој после услужната дејност и преработувачката индустрија е трет по големина сектор во националната економија, истовремено обезбедувајќи приходи и вработување на преку 17 проценти од работната сила во земјата.

„Модернизирањето на земјоделското производство преку воведување на нови современи технологии, зголемување на обработливите земјоделски површини, производство на конкурентни производи со висока додадена вредност, зголемување на извозот, се дел од стратешките цели на политиките на Владата во тековниот период. Но, во исполнувањето на овие зацртани цели, од голема важност е учеството на македонската наука, односно на стручниот кадар од Факултетот за земјоделски науки и храна, во креирањето на развојните политики за земјоделството. Воедно улогата на науката е важна и за едуцирање на земјоделците и пренесување на новите технологии и странските искуства во пракса“, изјави министерот Николовски.

Факултетот за земјоделски науки и храна, во своето постоење од 70 години, има долга и успешна традиција на организирање средби и поттикнување на соработка меѓу домашната и меѓународната научна и стручна јавност од областа на земјоделските науки, природните ресурси, животната средина и храната.

„Во изминатиот период се посветуваше малку внимание на истражувачката дејност и речиси воопшто не се одвојуваа средства за тестирање на нови современи техники и технологии на земјоделско производство. Без науката не може да зборуваме за модерно земјоделско производство. Ваквите симпозиуми се и одлична можност за презентација на најнови достигнувања во науката, технологијата и иновациите во областа на земјоделството, пренесување на знаења, размена на искуства и отворање можности за идни соработки. Заклучоците и истражувањата од ваквите средби, се од особено значење за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, и наоѓаат примена при оценување на постоечките политики во земјоделството и руралниот развој, но и претставуваат подлога при креирањето на нови политики за развој на секторот“, изјави министерот Николовски.

Министерот посочи дека МЗШВ ќе ја продолжи континуираната соработка со научните инстутиции при креирањето на новите аргарни политики за развој, со цел развивање на сектор прилагоден кон заедничката европска политика.

На Симпозиумот ќе бидат презентирани 386 труда во сферата на научните и практичните достигнувања во областа на земјоделството и производството на храна, а самиот симпозиум ќе биде добра можност за поттикнување дискусии, соработка и натамошна научна и истражувачка дејност меѓу универзитетите, институтите, агробизнис-секторот и останатите релевантни институции. Во рамки на научниот собир во Охрид ќе се одржат уште и 39. Средба Факултет – Стопанство, 9-тиот Симпозиум за градинарство и цвеќарство, 6-тиот Симпозиум за лозарство и винарство, 11. Меѓународна конференција на Здружението на агроекономистите на Македонија, како и 39-та средба на Здружението за заштита на растенијата на Република Македонија.