Средба на премиерот Заев со рускиот амбасадор Шчербак

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Олег Шчербак, амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија.

Рускиот амбасадор ја поздрави енергичната посветеност на премиерот Заев и неговиот голем придонес кон демократските процеси што ја движат Македонија напред. Исто така, амбасадорот Шчербак изрази почитување кон искрените и конструктивни политики на премиерот Заев и на Владата, коишто водат кон евро-атлантски интеграции на Република Македонија, но и унапредување на односите со другите држави на полиња од заеднички интерес за граѓаните на земјите и за мирот во светот.

Евро-атлантските стремежи и определби на Република Македонија не се и не треба да бидат пречка за развој на билатералните односи помеѓу Македонија и Русија, посебно што и кај двете држави постои став за одржлив систем на безбедност во светот, што е од меѓународно значење, е констатирано на средбата.

Заеднички е оценето дека отворените и посветени политики на премиерот Заев и на новата Влада создаваат услови за интензивирање на соработката помеѓу Република Македонија и Руската Федерација во областа на економијата, трговијата и инвестициите, земјоделството, енергетиката, транспортот, научно-техничката соработка и културата, што ќе се унапредува со меѓувладина и меѓупарламентарна соработка.

Владата на Република Македонија е посветена на остварување на стратешките цели на државата ЕУ и НАТО, како и на градење пријателски односи со сите држави, меѓу кои и Руската Федерација на принципиелно демократско ниво. Фокусирани сме да обезбедиме добар животен стандард за граѓаните, повеќе работни места, повисоки плати, намалување на трошоците за живот, Македонија е земјоделска земја, со тоа и за земјоделски развој на државата и во таа насока е заинтересирана да се продлабочуваат односите со Руската Федерација.

Соработката меѓу пријателски држави е добра и во иднина ќе се надградува на такво прагматично и пријателско ниво – е заедничкиот став изразен на средбата на премиерот Заев со рускиот амбасадор Шчербак.