Откриени измама и мигранти, запленети девизи, фалсификати и друга стока

Во текот на минатата недела откриени се една царинска измама, обид за нелегален влез на мигранти и неколку обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани девизи, кујнски ножеви, делови за кафемати, паричници, бижутерија и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Девизи:

– 20.000 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при личен претрес на грчки државјанин, кој управувајќи германски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во мала ташничка што возачот ја носел со себе, биле пронајдени 30.000 евра, од кои согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот девизен прекршок ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Кујнски ножеви и делови за кафемати

– 46 комплети кујнски ножеви, откриени при контрола на италијански автомобил, со кој за влез во државата, на граничниот премин Меџитлија, се пријавиле двајца италијански државјани. Дел од непријавените ножеви биле пронајдени во багажникот на возилото, покриени со гумена прекривка, а дел зад предните седишта, покриени со платно. Ножевите се привремено задржани, а против сопственикот, патник во возилото, е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 24 матични плочи и 4 мотори за кафемати, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени на повеќе места во возилото – во две хартиени кеси во багажникот на возилото, во две најлонски кеси сместени зад совозачкото седиште, под возачкото седиште и на задното седиште покриени со јакна, се привремено здржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Паричници, бижутерија и украси

– 589 платнени паричници, 540 украси во форма на килими и 535 алки-бижутерија, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на турски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поднесена прекршочна пријава.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 466 парчиња облека (тренерки, блузи и хеланки) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Турција, наменети за увозник од Струмица, пријавени за увозно царинење во царинската испостава Скопје 1. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Измама

Во царинска испостава Кавадарци е откриен обид за избегнување на плаќање увозни давачки со погрешно декларирање на потекло на стока.

Увозник од Кавадарци, во текот на мај 2017 година, со една царинска декларација пријавил за увозно царинење соларни контролери, инвертори и фотоосетливи ќелии, распоредени во три наименуванија, при што за соларните контролери и инверторите, со изјава во фактура, било декларирано дека се со потекло од Европска унија, со цел добивање на преференцијален статус и царинење со стапка за царински давачки од 0%. По извршената физичка контола на стоката, царинските службеници се посомневале во правилното декларирање на потеклото на стоката, поради што фактурата е испратена на дополнителна проверка до царинската администрација на Република Бугарија. Според добиениот одговор, поради тоа што извозникот не доставил докази за европско потекло на стоката, царинската администрација на Република Бугарија констатирала дека не може да се потврди изјавата во фактурата, односно стоката не ги исполнува условите за стекнување преференцијално потекло. Врз основа на добиениот одговор, царинската испостава Кавадарци извршила пресметка на дополнителни увозни давачки во износ од околу 22 илјади денари, и воедно против увизникот била поведена прекршочна постапка со мандатна казна.

Мигранти

На граничниот премин Богородица, царинските службеници во соработка со МВР спречија обид за нелегален влез на 13 илегални мигранти. Имено, на граничниот премин Богородица, за влез во државата се пријавил празен бугарски камион, управуван од грчки државјанин, кој бил селектиран за детален преглед поради тоа што царинските службеници забележале дека и влекачот и приколката биле регистрирани неколку дена претходно. При контролата, во предниот дел на приколката, под церадата, биле забележани вертикални метални држачи, кои од внатрешната страна не се гледале. Откако била отстранета церадата бил откриен специјално конструиран простор во кој биле пронајдени илегалните мигранти, сите од машки пол, кои не поседувале документи за идентификација. Лицата и возилото биле предадени на полициската служба од граничниот премин за понатамошна постапка.