Утре и задутре во Скопје и во Струмица ќе се реализираат повеќе културни содржини во рамки на манифестацијата Денови на руската култура во Република Македонија.
Свеченото отворање е утре во 18 часот во Македонскиот народен театар (МНТ), каде ќе биде презентирана изложба на познатиот руски кореограф Јуриј Григорович (оваа година се одбележуваат 90 години од неговото раѓање). На отворањето е планирано обраќање на министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски и на амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Н.Е. Олег Шчербак.
Во МНТ, во 20 часот ќе се одржи спектакуларен концерт на државниот академски руски народен хор „Митрофан Пјатницки“ кој е еден од најпознатите руски уметнички ансамбли. Формиран во 1911 година, ансамблот е носител на титулата национално богатство на Руската федерација. Следниот ден, хорот ќе одржи концерт во Центарот за култура во Струмица.
Во четврток во Македонската филхармонија концерт ќе имаат големите музички имиња, Олга Артјугина – виолина, Рустен Хамидулин – виолончело и Василиса Бержанскаја – мецосопран, кои ќе настапат со камерен состав од музичари од Македонската филхармонија и од МОБ. Диригент е Бисера Чадловска.
Манифестацијата се одржува во повеќе земји од Југоисточна Европа, а во Македонија се реализира како резултат на соработката помеѓу двете земји и потпишаните документи помеѓу Македонија и Руската федерација во областа на културата меѓу кои е и Протоколот меѓу министерствата за култура за организирање Денови на руската култура во Република Македонија во 2017 година и Денови на македонската култура во Руската федерација во 2018 година.
Деновите на македонската култура во Руската федерација ќе се одржат во 2018 година, кога ќе се потпише и новата Програма за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот меѓу Владите на двете земји.