До сега Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
„Регистрирани се три случаи на фотографирање на гласачко ливче, нешто што се случуваше и во првиот круг кога имавме 10 вакви случаи. Еден случај е во ОУ „26 јули“ во Шуто Оризари, вториот е во населбата Црниче во Скопје и третиот во Пробиштип. Апелираме до граѓаните да не ги фотографираат гласачките ливчиња затоа што со тоа го кршат законот“ – рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР извести и за едно нарушување на јавниот ред и мир во општина Шуто Оризари.
„Едно лице пријавило дека на ул. Метохиска било нападнато од повеќе лица. Полицијата веднаш излезе на лице место и едно лице е приведено во полициска станица. Се работи на расчистување на случајот и веднаш штом ќе биде расчистен соодветно ќе ја информираме јавноста“- рече Ангеловски.
МВР упати апел до политичките партии и нивните симпатизери да се воздржуваат од било какви инциденти и ги повика граѓаните да пријават било каков инцидент поврзан со изборниот процес. Од МВР потенцираат дека полицијата веднаш ќе интервенира и нема да толерира никакви инциденти.