Утревечер, Македонската опера и балет одбележува 70 годишнината од своето формирање со премиера на „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, операта која била прва изведена на сцената на тогашниот МНТ, на 9-ти мај 1947 година. Диригент е Џанлука Мартиненги, а режисер е Џандоменико Вакари, гости од Италија.
Славеничката вечер, на која се поканети основоположниците на оперската и на балетска уметност во земјава, дипломатскиот кор, владини претставници и љубители на операта, ќе почне со гала – оперски концерт под диригентство на Бисера Чадловска, која е в.д. раководител на Операта. На концертот ќе настапат солисти -првенци на МОБ со арии од Пучини, Маскањи, Џордано и Масне.
Сценограф на претставата е Зоран Николовски, костимите ги изработи Елена Дончева. Настапуваат Весна Ѓиновска-Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Николина Јаневска и Марика Поповиќ. Репризата е на 3 ноември, кога диригент ќе биде Иван Еминовиќ.
Седумдеценискиот јубилеј од постоењето на Операта, МОБ го одбележува во текот на целата година со цел да го претстави целиот ансамбл и солистите кои се дел од оваа институција.